Под мотото “Да живее хуманоста”, Црвен крст Охрид го одбележува Светскиот ден на Црвен крст и Црвена полумесечина
Со положување свежо цвеќе на спомен бистата на големиот хуманист Анри Динан денеска охридскиот Црвен крст оддаде почит кон основоположникот на најголемата хуманитарна организација во светот. Неговиот роденден 8 мај се одбележува како Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Над 190 национални организации во светот со огромна армија волонтери оваа година прославуваат под мотото „Да живее хуманоста“.
„Мисијата на Црвениот крст е да го зачуваме достоинството и почитта на граѓаните, да го заштитиме нивното здравје, да промовираме здрави стилови на живот, да ги заштитиме од несреќи, да ги едуцираме младите и сите граѓани во мирниодобски услови за да можат да се снајдат за време на катастрофи и сметам дека во сите сегменти од општественото живеење ние сме партнер со сите тие кои раководат со државата. “ – вели потпретседателката на Охридскиот Црвен крст, Весна Терзиоска.
Во моментов во Црвен крст Охрид има 400 активни волонтери , додека бројката на членови е далеку поголема. Охридскиот Црвен крст меѓу 33-те општински организации во државава е еден од најдобрите, најоргаинизираните и најуспешните Потпретседателката Весна Терзиоска ја открива тајната за нивниот успех.
„ Тајната на успехот е во волонтерите, членството и раководството кое што е отворено за сите промени и идеи кои доаѓаат од смаите волонтери. Сите идеи се добредојдени. Се тоа што оди во прилог на нашите сограѓани, ние сме тука тоа го слушнеме, да се организираме. Мислам дека чекорот кој го фаќаме со промените и прилагодувањето на потребите на граѓаните во Охрид е тајната на успешноста на Црвен крст Охрид. Нормално, тука најсилна алка се волонтерите бидејќи Црвен крст е организација на волонтери. “ – вели Терзиоска.
Од 8-ми до 15-ти мај се одбелува „Недела на Црвениот крст и Црвената полумесечина“ во чии рамки се предвидени неколку активности, па така во понеделник на 13. мај ќе се одржи дисеминациска сесија со дечињата од едукативната програма ПОЛЕТАРЧЕ, а предвидена е и крводарителска акција која ќе се одржи на 21 мај од 10-14 часот во просториите на Факултетот за туризам и угостителство Охрид наменета за студенти и за сите граѓани.
Евелина Арнаудова