Под мотото „На страната на хуманоста“ Црвен крст Охрид го одбележа Светскиот ден на Црвен крст и Црвената полумесечина

Под мотото „НА СТРАНАТА НА ХУМАНОСТА“ Црвен крст Охрид како дел од глобалната кампања на Меѓународната Федерација го одбележува Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина. 8-ми мај е востановен во чест на роденденот на основоположникот на идејата за ова најголемо светско хуманитарно движење, Анри Динан. На овој ден важно ни е да го истакнеме значењето на секој поединец за подобрување на животот во заедницата, а воедно да изразиме почит, признание и благодарност на волонтерите, партнерите и поддржувачите за нивната несебична поддршка, кажа Претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

„Го правиме тоа преку цела година , но во текот на оваа Недела на Црвениот крст потенцираме особено кон младите и кон сограѓаните да бидат дел од хуманоста , да бидат дел од нашите активности бидејќи само така можат да се изразат позитивно. Знаеме во какво опкружување, во каков свет во глобални рамки живееме, колку тешки и големи предизвици имаме, но сепак не застануваме и не се откажуваме.“ – изјави Сашо Точков – Претседател на ОО Црвен Крст Охрид.
Пред спомен обележјето на Динан, пред седиштето на охридскиот Црвен крст, кое е единствено во земјава, се поклонија претставници и волонтери од Црвен крст Охрид и делегација од Советот на Општина Охрид. Честитки за успешната работа и посветеноста до волонтерите и раководството на охридската организација упати Претседателот на градскиот Совет, Перчо Божиновски.

„Заедно како Општина Охрид и Црвен Крст Охрид навистина треба да ни биде во преден план хуманоста и она што го имаме како заедничка цел а тоа е помош на граѓаните на сите ранливи категории и сето она што ние го имаме како надлежност во однос на Советот на Општина Охрид и сите оние активности кои заеднички ги имаме со Црвениот Крст . Хуманоста , добрината и сите активности нека траат во оваа Недела на Црвениот Крст така што во тој знак и денешниот ден нека се одбележи како поддршка на сите граѓани и како заедничка порака која ја упатуваме со Црвен Крст.“ – изјави Перчо Божиновски – Претседател на Совет на Општина Охрид.
Во Неделата на Црвен Крст до 15ти мај Црвен Крст Охрид организира бројни активности со цел подигање на свеста за значењето, мисијата и визијата на организацијата. Објавен е Конкурс за литературни и ликовни дела за сите млади од основните и средните училишта во Охрид и Дебрца на тема Глас на хуманоста. Вчера на ФТУ во соработка со Службата за трансфузиона медицина организираше успешна крводарителска акција со студенти и општа популација.
Во понеделник на 12 ти мај од 9 часот во седиштето на Црвен крст Охрид ќе започне Отворен ИНФО ДЕН за децата од предучилишните установи и учениците од основните училишта во Охрид и Дебрца, каде преку промотивни материјали и видео проекции ќе се запознаат со мисијата на движењето и како се станува волонтер.

„Продолжуваме во Неделата на Црвениот Крст со истакнување на наши хумани сограѓани , на нивните дела без оглед дали се тие мали или големи , но придонеле за подобрување на животот во заедницата. Не сакам да откривам сега имиња, но во текот на оваа недела ќе видите за наши сограѓани коишто навистина придонесуваат за развој на хуманоста овде и поттикнување кај другите. Исто така , од 8-ми до 15-ти мај нашите дисеминатори , оние кои ги шират знаењата за Црвен крст ќе имаат неколку работилници и сесии со најразлични групи, од млади и деца до возрасни со цел да се поттикне хуманоста и да се научи што значи ова најголемо светско движење со преку 20 милиони волонтери во 192 држави во светот.“ – кажа Точков.
Црвен крст Охрид брои над 1000 волонтери од кои половината се активни, додека бројката на членови е далеку поголема. Охридскиот Црвен крст е еден од најдобрите, најорганизираните и најуспешните меѓу 33-те општински организации во државава.
