Поделени првите хуманитарни пакети
30 хуманитарни пакети со прехрамбени производи беа поделени денеска на социјално загрозени лица. Донацијата е од НВО Македонски темплари Командерија Св. Наум Охридски – Охрид, која се одзва на повикот на Црвен крст за хуманитарната собирна акција по повод Неделата на солидарност.
Многу ни е мило и ни претставува чест емпатијата, добрината и хуманоста во овие тешки кризни времиња да се покаже на дело, всушност тоа е и големината на еден човек – изјави Елена Ристеска, претставник на НВО Македонски темплари Командерија „Св. Наум Охридски“ – Охрид.
Од Црвен Крст изразија благодарност за гестот на општествено одговорната организација. Во духот на претстојниот празник Велигден во пакетите беа поделени и табли јајца. Во деновите пред нас да не ја забораваме хуманоста и радоста на давањето за сите да го поминеме подостоинствено празникот. Подигнување на свеста за помош и поддршка на ранливото население посебно е потребно сега во услови на тешка економска криза.
Упативме апел до градот, до сите поединци, фирми, установи, бизнисмени коишто можат да се вклучат и да ја покажат својата хуманост и солидарност, особено за овие социјално загрозени семејства сега пред Велигденските празници. Но дел од донациите односно хуманитарните пакети се предвидени и за бегалците од Украина кои престојуваат во нашиот град – изјави Сашо Точков, претседател на Црвен Крст Охрид.
Собирната акција „Вашиот прилог– значајна помош” е во тек и ќе трае до 24-ти април. Може да се донираат прехрамбени проиводи и средства за хигиена во просториите на Црвен крст, ул. Димитар Влахов бр.52.
Парични средства (по 100 ден) со повик на телефонските броеви 070/075/077 143-400 или на жиро сметката на Црвен крст со назнака за “Недела на солидарност”.
Од донираните парични средства и собраните намирници ќе бидат обезбедени и подготвени хуманитарни пакети со прехрамбени поризводи и средства за хигиена кои ќе бидат дистрибуирани до оние на кои помошта им е најнеопходна.