Се подновија делови од ОУ „Братство Единство“
Денес свечено беа пуштени во употреба новите реновирани училници во ОУ „Братство Единство“. Средствата ги обезбеди менаџерскиот тим на училиштето, со аплицирање за финансиска помош од Проектот на УСАИД, поддржани од Локалната самоуправа и родителите. Финансиската поддршка од околу 27 000 долари се од проектот за меѓуетничка интеграција во образованието. И градоначалникот Бакрачески и директорот Доко задоволни од постигнатото.
САД помогнаа во реновирање на ОУ „Братство Единство“. Денес се одржа свечена церемонија, со што со сечење на лента се одбележа завршувањето на реновирањето на ова училиште преку проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието. „Помагаме за подобрување на условите во училиштата во Македонија со што фундаментално се подобруваат условите на учениците“, истакна Дејвид Кокс, координаторот за операции во Канцеларијата на атешето за одбрана при Амбасадата на САД во Скопје
„Импресивно е што се можеме да постигниме кога работиме заедно. Обезбедувањето на помош за луѓето од Македонија преку програми како што е ПМИО е еден начин на кој можеме да го зајакниме нашиот однос со вас и да работиме заедно за да поттикнеме и изградиме меѓуетничка интеграција во вашата заедница и низ целата земја“– вели Кокс,
Како што истакна директорот на ОУ „Братство Единство“ Муамер Доко, во двете училишни згради е интервенирано на неколку криични позиции.
„Во зградата во Лескајца се променија 35 врати на училниците, 22 во тоалетите, а 2 училници се опремија со ламинат……додека пак во другата зграда сменивме 20 големи прозорци и опремивме една училница со ламинат. Финансиската конструкција беше 1 080 000 денари или околу 27 000 долари“ – нагласи Доко.
Доко изрази посебна благодарност до претставниците на американската Влада за финансиската помош на училиштето. Тој нагласи дека сеуште сериозен проблем претставува дренажата на двете училишни згради, посебно покривот во објектот во Лескајца кој е од канцероген материјал азбест, како и реновирањето на спортските сали и неколку училници, согласно теркот на времето во кое живееме. На свечениот настан се обрати и градоначалникот Никола Бакрачески. Тој истакна дека е задоволен што Охрид е домаќин на еден ваков убав настан, и ја потенцираше успешната соработка со УСАИД. Додаде дека како одговорен градоначалник и во иднина продолжува со грижа кон охридската младина и подобрување на условите во образовниот процес.
„Денес заедно ќе ги прославиме подобрените услови за нашите деца во училишната заедница. Придобивките од проектото на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието се големи и значајни за соживотот меѓу учениците и наставниците во училиштето бидејќи со нив се овозможува надминување на предрасудите и стереотипите кои во минатото постоеја. Се овозможува меѓусебна соработка, дружење и осознавање на културата на другата заедница“ – истакна Бакрачески.
Општина Охрид и финансиски и логистички го поддржа овој проект на УСАИД за реновирање на објектите преку своите стручни склужби и Јавните претпријатија. Инаку училиштата кои работат со Проектот на УСАИД за меѓуетничка соработка во образованието имаат можност да аплицираат за средства за реновирање, достапни од Европската команда на Американската војска. Досега е помогнато на 35 заедници во нивните напори да ги подобрат училишните објекти а ќе се помогне уште на 13 училишта следната година. ПМИО е четири годишна иницијатива вредна 5,2 милиони долари која соработува со сите релевантни образовни институции, подржувајќи ги напорите на Владата на РМ во процесот на етничко интегрирање.
{loadposition content9}