Skip to main content

Поголеми инсталациски зафати се планираат во училишната зграда на ОУ „Братство Единство“ во населбата Лескајца

Меѓу нив се изградба на дренажа и санирање на влагата во зградата. Кај Крст Џамија, пак, на местото на старата училишна зграда се очекува отпочнување на изградба на нов објект.

 |  Валентина Неловска  | 

Локалната самоуправа годинава планира поголеми инвестициски зафати за
подобрување на условите за 450 основци од ОУ „Братство Единство“ во населбата Лескајца. Минатата година изостанаа сериозни зафати во зградите на двете основни училишта, информира Џемал Мехмед,  директор на ОУ „Братство Единство“. Беа реализирани само 2 проекти и тоа инсталација на интернет мрежа и набавка на компјутери за нормално одвивање на наставата од далечина. Со буџетот за 2021 година се планирани приоритетни зафати врз внатрешните инсталации во зградата во Лескајца која е изградена во 70 -тите години од минатиот век. Се надеваме дека оваа година ќе се реализираат градежните работи, а ќе се почне со замена на водоводната инсталација за која се планирани 600.000 денари средства од ЛС, вели директорот Мехмед .

„Основен проблем е со влагата. Се состои од неколку делови санација на водоводот и одводот, проблем стар 6 децении. Имавме јавна набавка и локална фирма го доби тендерот и треба да изгради нова водоводна инсталација, има губитоци на вода, стара е инсталацијата. Тоа е еден проблем, а друг е водата оди некаде и прави влага.“


Покрај овие неопходни се и други зафати како изведување на дренажа околу објектот, потоа санација на тоалетните јазли во двете згради, кои не се реновирани преку 3 децении, замена на старата електрична инсталација и дотраената дограма во ходниците. На местото на училишната зграда во населбата Крст Џамија , изградена далечната 1950 година, се очекува изградба на нов објект и во тоа исчекување не се преземаат зафати на стариот објект за подобрување на училишните услови. Постапката за изградба на ново школо е започната пред 5 години по земјотресите во Охрид кога беше оштетен школскиот објект. На иницијатива на Советот на родители пред 4,5 години е најден донатор за изградба на нов објект од страна на Тика,Турска агенција за соработка и координација.

„Проектот е готов. Изработен е целиот проект. Споро се движи работата , но се надеваме дека ќе се забрза целата постапка.Во двете згради учат по 450 деца. Иако се стари постоечките школи, ние максимално се обидуваме да ги одржуваме за нашите деца да бидат добредојдени, на безбедно и сигурно место.“

Во двете школски згради е решен проблемот со замена на дограмата на вратите и прозорите, а беа заменети и азбестните покриви. Во двете згради во ОУ „Братство Единство“ учат 880 ученици на Македонски, Турски и Албански јазик.