Поголемо трпение кај наставниците за децата со дислексија
Според претставниците од Здружението за дислексија Ајнштајн, наставниот кадар, дури и стручните лица како дефектолози и логопеди немаат доволно познавања за оваа состојба стекнати во своето образование.
Потешкотии во читањето, често пишување на буквите наопаку како да се гледаат во огледало, неможност за следење на секвенци, решавање на математички задачи, а во исто време во најголем дел се работи за деца со натпросечна интелегенција. Ова се само дел од најпрепознатливите симптоми на состојбата наречена дислексија. Иако за неа не постојат направени истражувања во земјава за тоа колкав број од децата се носители на оваа состојба, сепак според помали истражувања направени на ниво на град Скопје, во средните училишта, се дошло до релативна бројка од 17 проценти од сите деца. Иако со толкава застапеност, сепак во Македонија, ниту дефектолозите и логопедите кои се стручни по слични тематики, ниту пак родителите кои имаат деца со дислексија немаат доволно информации за оваа состојба, ниту пак како да се справат со неа и да им помогнат на децата.
„За родителите е многу тешко значи да работат со децата со дислексија, бидејќи тие во принцип и најчесто се со надпросечна интелегенција и не само тоа, туку и премногу интуитивни и емотивни и едноставно тие ги читаат емоциите на родителот. И кога вие како родител ако работите со дете со дислексија, кога гледате дека детето се труди, а не може да постигне, не можете како родител да не реагирате внатрешно на тоа, а детето едноставно ќе знае и тоа никогаш нема да сака да ги покаже своите слабости пред родителите. Во принцип тие се многу амбициозни и перфекционисти, а не можат да го постигнат тоа, така да најголемата опасност е создавање на големи фрустрации, големо губење на самодовербата кои понатаму може да имаат влијание на емотивниот развој на детето“-вели Славица Тасевска-Николовска-лиценциран тренер за корекција на дислексија и родител на дете со дислексија.
Денес во Охрид на посета беше Здружението за дислексија „Ајнштајн“ кои одржаа семинар за заинтересираните охриѓани, родители, наставници, дефектолози токму на темата „Дислексија, пристап, форми и методи.“
„Има еден момент каде што наставниците очекуваат дека со овие семинари ќе бидат обучени за дислексија. Ние како здружение, ниту било кој друг во Македонија таа обука не може да ја овозможи. Ова е информативно-едукативен семинар каде што ние им кажуваме на наставниците што всушност тие може да преземат за учениците. Затоа што со дислексијата се работи еден на еден, еден наставник не може да го посвети целото внимание на еден ученик кој што има дислексија, меѓутоа ситни се работите кои што може да ги примени, а кои што се од многу големо значење за овие деца и ќе им биде од многу голема помош.“-рече Дамјан Николовски-претседател на Здружение за дислексија „Ајнштајн“.
Славица Тасевска-Николовска која покрај тоа што е лиценциран тренер за корекција на дислексија по познатата метода на Рон Дејвис, таа воедно е и родител на дете со дислексија. Таа смета дека наставниците со сосема мали промени во своето однесување можат да им помогнат на децата кои имаат дислексија, покажување на поголемо трпение, толеранција, промена на начинот на испрашување. Сепак потенцира дека доколку степенот на дислексија е поизразен, тогаш неизбежно е да се работи еден на еден, односно еден тренер со едно дете. Инаку денешниот семинар во Охрид е прв од ваков вид во нашиот град, а во изминатиот период, здружението за дислексија „Ајнштајн“ вакви семинари одржало и во Скопје, Битола и Прилеп. Инаку важна информација за дислексијата е дека тоа не е болест, децата со дислексија најчесто имаат натпросечна интелегенција и се верува дека во најголем дел е од наследен карактер. Како некои од најпознатите светски личности со дислексија може да се набројат генијалниот физичар Алберт Ајнштајн, актерот Џим Кери, боксерот Мохамед Али, кошаркарот Меџик Џонсон и уште многу други.