Со показна вежба одбележан Денот на пожарникарите
Во Охрид се одбележа Денот на пожарникарите. По тој повод беше презентирана показна симулативна вежба извлекување на повредени во тешка сообраќајна несреќа. Статистички гледано, во Охрид, годишно се случуваат од 390 до 420 интервенции. Во пресрет на летото и сушниот период пожарникарите повикаа граѓаните да бидат посовесни и одговорни.
Овој период немаме некој поголем интензитет на пожари, посебно пожари на отворен простор, бидејќи вегетацијата е веќе зазелената. Меѓутоа, во наредниот период се очекуваат. Статистички, изминатите години, пожарите се движат горе долу приближно, иста бројка. Еве и денеска, јавно апелирам од нашиот дом, да внимаваат да не ги палат стрништата“ – вели Борко Јанкулоски, командир на Територијална противпожaрна единица Охрид.
Најкритично место за интервенирање е стариот дел на градот. Поради тесните улички и сокаци многу е тежок пристапот на противпожарните возила. На градот му е потребно помало мобилно противпожарно возило.
„Најкритични места се сообраќајните незгоди каде што има повредени, каде секоја минута на извлекување е битна, се работи за живот. Исто е и со пожарите на отворен простор. Ризично подрачје за делување е стариот дел на градот со културни знаменитости од непроценливо значење. Се надеваме, во блиска иднина, дека ќе се набави едно мало возило со кое би се олеснила работата, барем на тој потег од градот“ – додава Јанкулоски.
Во охридската противпожарна територијална единица работат 38 пожарникари. За комплетирање на службата недостигаат уште шест пожарникари, бидејќи се покрива и територијата на општина Дебрца. Во поглед на опрема, преку проект на УНДП набавени се десеттина одела и шлемови за шумски интервенции.
Новинар Соња Рилковска