Skip to main content

Показна вежба за евакуација успешно реализирана во ООУ „Св. Климент Охридски“

Во организација на Црвен крст Охрид, денеска се одржа уште една успешна симулациска вежба за евакуација со цел унапредување на безбедноста и подготвеноста при елементарни непогоди.
 |  инфодеск  | 

Во ООУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид денеска беше реализирана показна вежба за евакуација при елементарна непогода, во организација на Црвен крст Охрид.

На вежбата беше демонстрирано високо ниво на професионалност, координираност и ефикасност од страна на тимовите на Територијалната противпожарна единица Охрид, Секторот за внатрешни работи Охрид, како и тимовите за прва помош, реалистички приказ на повреди и психолошка прва помош на Црвен крст Охрид. Активностите се реализираа во координација со Центарот за управување со кризи – Одделение Охрид и Дирекцијата за заштита и спасување – Одделение Охрид.

Симулациската вежба се одвиваше според сценарио на земјотрес проследен со пожар, при што беше тестирано реалното време на пристигнување и интервенција на надлежните служби. Учениците, наставниците и техничкиот персонал покажаа висока присебност, одговорност и подготвеност при евакуацијата.

Со оваа активност, училиштето го тестираше и практично го примени оперативниот План за заштита и спасување, како и Планот за евакуација, согласно законските обврски за редовно спроведување вакви вежби. Целта беше учесниците да се запознаат со насоките на движење, начините на заштита и правилното постапување во услови на елементарна непогода.

Ваквите активности значително придонесуваат за подигнување на безбедноста во и околу училиштата, како и за јакнење на подготвеноста за брза и ефикасна реакција во кризна состојба.

Организаторите изразија благодарност до сите институции и учесници кои придонесоа за успешната реализација на вежбата.