Skip to main content

Покрената иницијатива за поправка на тротоарите на дел од 7-ми ноември

Раскопани тротоари и неупотреблива велосипедска патека се протегаат од двете страни на дел од улицата 7-ми ноември. Лошата состојба на фрекфентната сообраќајница го отежнува нормалното функционирање на сообраќајот. Граѓаните бараат Локалната самоуправа час поскоро да ги  реконструира тротоарите од потегот кај фабриката Братство до меѓуградската автобуска станица.

 |  Валентина Неловска  | 

Од двете страни на дел од улицата 7-ми ноември има неупотребливи тротоари. Раскопани тротоари и велосипедска патека ја загрозуваат сообраќајната безбедност на жителите кои живеат и работат во овој дел од Охрид. На потегот од фабриката Братство до меѓуградската автобуска станица не е можно да се вози велосипед, а е отежнато и движењето на пешаците од ископаниот асфалт. Граѓаните бараат поправка на тротоарите и патеката за велосипеди.

  

Бобан Трпески, од Неформалната организација „Чист Охрид“, споделува дека состојбата на овој потег од улицата е алармантна. Алармот се вклучи, откако, деновиве, се случи несреќа при судир меѓу двајца велосипедисти од кои едниот заврши со тешки телесни повреди. Трпат сите учесници во сообраќајот и бизнисите на овој потег, а губи и градот од угледот бидејќи туристите кои доаѓаат со автобус првата слика ја добиваат за Охрид од оваа улица, вели Трпески. Од НО „Чист Охрид“ веќе покренаа иницијатива за поправка и ставање во функција на велосипедската патека на овој дел од улицата 7-ми ноември.

Како проект не бара голема инвестиција. Општината може да ја реконструира со соодветни обележја, асфалт и нивелирање на патеките. Сведоци сме ако поминеме по улицата дека е во лоша состојба. До таа мера е лоша што велосипедистите и пешаците не го користат просторот наменет за нив и се движат по коловозот од улицата – вели Трпески.

Станува збор за реконструкција на околу 1 км пешачка и велосипедска патека од меѓуградската автобуска станица до фабриката Братство од двете страни на улицата 7-ми ноември. Со ставање на патеките во нормална функција добиваат бенефит сите, не само од сообраќаен, туку и од еколошки аспект.