Покрената петиција: Чистиот воздух, безбедната вода и здравата животна средина да бидат приоритет

Покрената е петиција со која се повикуваат граѓаните да испратат јасна порака дека чистиот воздух, безбедната вода, правилното управување со отпадот, заштитата на природата и здравата животна средина треба да бидат приоритет во Македонија.
Во образложението за иницијативата се посочува дека загадувањето на воздухот и понатаму претставува сериозен здравствен ризик. Според најновата анализа на Европската агенција за животна средина, со податоци до 2023 година, Македонија има највисока релативна стапка на здравствен товар од изложеност на PM2.5 меѓу 40-те опфатени земји.
Особено загрижувачка е состојбата кај децата. Според извештај на УНИЦЕФ од 2026 година, 99,9 отсто од децата во Македонија се изложени на штетно загадување на воздухот. Оттаму предупредуваат дека загадениот воздух може да влијае врз здравјето, учењето, развојот и благосостојбата на децата.
Во иницијативата се нагласува дека последиците од загадувањето не се ограничуваат само на респираторните заболувања. Сè повеќе истражувања укажуваат и на влијанија врз когнитивните функции, вниманието, меморијата и физичката и менталната благосостојба.
Проблемот има и економска димензија. Најново истражување на ОЕЦД, спроведено врз повеќе од 2,5 милиони компании во Европа, покажува дека зголемување на концентрацијата на PM2.5 за 1 μg/m³ е поврзано со просечен пад од 0,55 отсто на продуктивноста на трудот.
Покрај загадувањето на воздухот, иницијативата ги посочува и проблемите со отпадот, дивите и нестандардните депонии, загадувањето на почвата и подземните води, неконтролираната урбанизација и намалувањето на зелените површини. Се укажува и на зголемениот притисок врз водните ресурси и потребата од подобра заштита на изворите од кои зависат цели населени места.
Според иницијаторите, реакцијата на институциите премногу често се сведува на ад-хок и привремени решенија – препораки при зголемено загадување, дописи по реакции на граѓаните или мерки што траат ограничен период.
„Субвенциите за инвертер-клими и слични мерки можат да бидат дел од решението, но не можат да ја заменат долгорочната визија и системскиот пристап“, се наведува во образложението на иницијативата покрената од активистката Драгана Карашова.
Од иницијативата бараат животната средина да биде интегрален дел од планирањето на економијата, градовите, енергетиката, транспортот, управувањето со отпадот, водите и природните ресурси.
„Не мора да чекаме членство во Европската Унија за да почнеме да ги штитиме сопствените граѓани. Не мора некој однадвор да ни каже дека чистиот воздух е важен“, се наведува во повикот.
Целта на петицијата, како што посочуваат иницијаторите, не е да зборува во име на граѓаните, туку да им овозможи самите да покажат дали животната средина ја сметаат за приоритет.
„Ова не е петиција за една политичка партија, една власт или една институција. Ова е можност граѓаните да испратат едноставна и јасна порака: ДА, животната средина ни е приоритет.“
Иницијативата можете да ја поддржите со својот потпис ТУКА.




