„Полицијата и јавноста“, првенчето на Стефан Димоски, го здогледа светлото на денот
Подобро разбирање на овластувањата на полицијата и правата на новинарите да информираат во интерес на јавноста и практични насоки и искуства, се дел од првото дело на Стефан Димоски, новинар и актуелен портпарол на СВР Охрид.
Подобро разбирање помеѓу новинарите и полицијата во нивното заедничко делување во интерес на граѓаните. Ова, меѓу другото е една од целите за кои е создадено првото дело на портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, насловено како „Полицијата и јавноста“. Влечејќи корени од неговиот магистарски труд кој ја обработува токму оваа тема, според Димоски оваа книга е обид да се приближат полициската и новинарската работа во насока на остварување на заедничките цели, расветлување на казнените дела во интерес на јавноста. Димоски додава дека неговото искуство како новинар надополнето со работното искуство во СВР Охрид му овозможило во оваа книга да наведе и практични насоки за издигнување на партнерството помеѓу новинарите и полицијата.
„Целта е да се разбереме повеќе меѓу себе и да ги разбереме овластувањата на полициските службеници кои што мора да ги практикуваат на терен и да се почитуваат. Новинарите да го почитуваат полициското работење, но и полициските службеници да ги почитуваат новинарите и нивното право да информираат во интерес на граѓаните. Ќе напоменам дека практично овде има низа аспекти кои што се поврзани со полицијата како служба, со новинарите и со многу други моменти кои што значат испреплетување на нивната работа. Заедничките точки, но и оние точки кои можат да бидат одреден расчекор во меѓусебното делување.“-вели авторот Стефан Димоски.
Според Димоски, МВР е една од најтранспарентните институции во земјава, но додава дека и натаму треба да се работи на подигнување на транспарентноста.
„На МВР му е потребно заокружување на овој процес со имплементирање на стратегија за односи со јавноста која што ќе биде еманентна и адекватна на европските стратегии, на полициите од европските земји во сферата односи со јавност. Во тој дел сакајќи да го испитам размислувањето на полициските службеници, на новинарите и воопшто граѓаните, спроведов и една научно-истражувачка анкета која е поврзана со темата транспарентност. Резултатите се многу индикативни и покажуваат всушност моменти каде се приближуваат полицијата и новинарите и каде, во кој дел, на еден начин се разидуваат.“-рече Димоски.
Целта според Димоски е постигнување на еден совршен баланс во овој дел но и презентирање на навремена, точна, професионална и објективна информација до јавноста. На денешната промоција, присуствуваа голем број на јавни личности од градов од најразлични сфери, пријатели, роднини. Рецензенти на делото на Димоски се проф.д-р Стефан Буџакоски, професорите Томе Груевски, Методија Ангелески и Александар Дончев.
{loadposition content9}