Полицијата има сознанија за грабежот во Стара Касарна
МВР има сознанија кој го извршил грабежот во полицискиот магацин во Охрид. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Да, имаме сознанија и тие сознанија ги проверуваат и ги документираат колегите со цел да можеме да излеземе со кривична пријава – изјави Спасовски.
Спасовски повеќе се осврна на она што ја разбранува јавноста, а тоа е што точно беше украдено од магацинот. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност од Спасовски со тврдење дека се случила кражба на оружје, муниција и бомби од депото на МВР во Охрид. Не е украдено оружје и такви шпекулации кои сакаат да се употребат за дневно политички цели, не ни користат на никој, потенцира министерот.
Значи ова е прирачен магацин од кој биле одземени предмети кои биле складирани таму и дел хемиски средства кои што ги користел СВР Охрид, такашто воопшто не станува збор за кражба на оружје, а се разбира дека сите истражни дејства се преземени насочени кон откривање на сторителите – вели Спасовски.
Портпаролот на СВР, Охрид Стефан Димоски на 16-ти април информираше дека од помошниот магацин за расходувана опрема на кој се наоѓа во Стара касарна биле украдени солзавци, шок бомби и други предмети кои биле предвидени за расходување.
На прашањето како граѓаните да имаат доверба во полицијата кога од нејзини магацини се краде, а полициски службеници примаат поткуп, министерот Спасовски во интервјуто вели дека тоа се случува и во други институции низ светот.
Значи да не создаваме погрешна перцепција во јавноста. Државниот апарат мора да биде ефикасен во борбата против коупцијата и против кривичните дела. Подеднакво да одговори без разлика за кој станува збор. Тие постапки да бидат транспарентни и да бидат неселективни. Секако дека мора да работиме да се стесни просторот на корупција и во редовите на институциите, а најважно од се е да имаме ефикасност во откривањето на случаите – кажа министерот.
Секако дека постојат низа мерки и механизми кои ги преземаат сите институции во рамки на антикорупциските активности, а кражби се случуваат секаде, престапници постојат насекаде, важно е државата да има одговор и оние кои направиле кривични дела да се изведат пред лицето на правдата, вели Спасовски.