Skip to main content

Полни раце работа за Брзата помош во Охрид

Само во текот на едно деноноќие, само две екипи од службата за итна медицинска помош во Охрид се справуваат со триесеттина повици. Д-р. Љупка Николоска, началничка на службата, со апел до граѓаните да внимаваат на своето здравје и да ги следат препораките за заштита од топлотен бран.
 |  Голабовски Крсте  | 
Брза помош

Само два тима од службата за итна медицинска помош и домашни посети од Охрид, деновиве се обидуваат да им помогнат на туристите и охриѓани, да се справат со последиците од топлотниот бран кој го зафати и Охридскиот регион.

Бројот на случаи е огромен вели Д-р. Љупка Николоска, началничка на службата. Триесеттина случаи на ден имаат на колабирања поради високите температури, хронично болни пациенти, зголемен број на сообраќајни незгоди и амбулантски случаи.

Викендите во Брзата помош во Охрид се посебна приказна. „Навистина ни е тешко да се справиме со напливот на пациенти. Од случаи на колапси, агресивни и нетрпеливи млади пациенти во алкохолизирана состојба, особено во вечерните часови, до труења со храна и каснувања на инсекти.“ – вели д-р Николоска.

Дополнително оптеретување се и домашните посети, кои се дел од редовната програма за работа, а кои овие денови знае да ги има и по дваесеттина во едно денононоќие.

“Сето тоа бара натчовечки напори од страна на вработените во Итната медицинска помош при Здравствен дом Охрид, за на сите пациенти да им се излезе во пресрет. Кога на ваквата состојба ќе се додаде и зголемениот број на транспорт на пациенти до скопските клиники, труењата со храна и зголемениот број пациенти заболени со стомачни вируси, работата е навистина тешка.“ – вели за ТВМ, д-р Николоска.

Работат и началниците и директорите, само да се излезе во пресрет на потребите на пациентите, посочува д-р.Николоска. Тоа е така бидејќи кадровски и оваа служба во здравството, кубури со вработени. Иселувањето на младите доктори и сестри и специјализациите на оние доктори кои останале, го земаат својот данок. Поради малиот број вработени, охридската брза помош постојано се соочува со предизвик да организира ротација на вработените поради огоромниот број на случаи.

Николоска упати апел до охриѓани, да не се бара службата за состојби кои се леснии не се итни. Пациентите барем за време на работните денови да се обраќаат до своите матични лекари, и да се информираат кој е нивната замена доколку има потреба од интервенција во попладневните часови, а се со цел да не се оптеретува работата на Службата за итна медицинска помош.

Хронично болните да ја земаат на време и редовно својата терапија и да ги следат препораките за спречување на штетните ефекти од надворешните високи температури врз здравјето на луѓето, препорачани од страна на Министерството за здравство на РМ, Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје, упатува апел д-р. Николоска.

Од службата уште еднаш со апел до граѓаните, пред се да се грижат за своето здравје, за полесни состојби да се обраќаат до своите матични лекари, барем за време на работните денови и да не го злоупотребуваат телефонскиот број на службата за лесни состојби.