Половина средства од ИПА линијата за социјална заштита не се искористени
Половина од средствата на ИПА фондовите за социјална заштита не се искористени. Средствата се неповратни, а до крајот на годинава останува уште малку. Со цел доискористување на средствата во висина од 7 милиони евра за проекти потребно е вмрежување на Центрите за социјална заштита и невладиниот сектор, сметаат од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.
Голем дел од средствата од ИПА фондовите наменети за социјална заштита не се искористени. Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје, организира обуки за вмрежување на Центрите за социјална работа со невладините организации. Како што појаснува Христијан Петрушев, помлад истражувач во Институтот за демократија, целта е центрите и невладиниот сектор заеднички да аплицираат за проекти, како би се искористиле сите средства од ИПА фондовите кои се неповратни.
„Средствата кои што се од оваа линија за социјална заштита би можеле да се искористат во насока на подобрување на услугите кој што ги добиваат примателите на социјална помош исто така и во насока на подобрување на услугите кои што ги даваат Центрите но и невладините кои што се занимават со оваа материја. Така да би можеле да се искористат за разни работи како што е во подобрување на условите во кои што работат до вовоедување на нови иновативни методи за подобрување на услугите“.
Проектот „Унапредување на социјалната инклузија преку ефикасно искористување на ЕУ фондовите“, е на национално ниво и опфаќа 30 Центри за социјална работа од земјава. Во хотел Климетица Охрид денес се одржа четвртата обука, која според консултантот на ИПА проектите Роман Пападимитров тече одлично. Пападимитров истакна дека заедничкиот настап на невладиниот сектор при подготовката, пишувањето, комуникацијата со донаторите и Центрите за социјална работа кои имаат стручно знаење од компетентни лица е добра можност за успех за искористување на ИПА фондовите од социјалната сфера.
„Акцентот е главно на подготовка на проектни апликации така што се надеваме дека малце ќе ги зајакнеме капацитетите бидејќи искрено кажано премногу е кратко времето, но идејата е да се дадат некои основни знаења, терминологии, процесот како оди, како се подготвуваат тие апликации…не очекуваме дека после два дена ќе направиме експерти тоа да го имплементираат, но сепак спојот што го замисливме на невладините организации и центрите мислам дека е најдобар“.
Претставниците на невладиниот сектор кажаа дека обуките од ваков карактер се одлична можност каде се стекнуваат со вештини и знаења за пишување и развивање на проекти.
„Имено нашата организација во моментов спроведува проект кој што е финансиран од страна на ЕУ кој што е во тесна соработка со државните институции. Така да можам да кажам дека денешната обука ни е добредојдена со цел да ја зајакнеме оваа соработка, а нормално понатака и заеднички да развиваме нови предлог апликации кои што би можеле да бидат финансирани од страна на европската комисија со цел понатака да работиме со целните групи“.
Средствата на располагање од ИПА фондовите наменети за социјална заштита, само за минатата година изнесувале 16 милиони евра. Од нив само половина биле искористени. За оваа година останати за доискористување се уште 7 милиони евра.
На денешната обука имаше претставници од центрите за социјална работа и од невладиниот сектор од 8 општини од западниот регион на Р.Македонија.