Skip to main content

Помали охридски продавници ја прекршиле одлуката за замрзнување на цените

Пазарните инспектори откриле кај четири трговски објекти продажба по повисоки цени на основните прехранбени артикли. Не констатирале прекршоци во употребата на најлонски кеси.

 |  Валентина Неловска  | 

Охридските пазарни инспектори редовно ги контролираат трговските и угостителските објекти за примена на законите, каде што имаат надлежности. На терен откриле дека четири продавници ја прекршиле примената на одлуката за највисоки цени според законот за трговија. Кај нив е откриена продажба на прехранбени намирници по повисоки цени во изминативе 10-тина дена и покрај владината одлука за замрзнување на цените на повеќе основни прехранбени артикли, информира Цветко Ристески, раководител на ПЕ Државен пазарен инспекторат Охрид.

Констатиравме неправилности во евиденција на цените што се должни да ја водат трговците. Во два случаи каде што имале повисоки цени, немале евиденција и се санкционирани субјектите заради тоа. По контролата се вратени цените од 1 декември – истакна Ристески.

Државниот пазарен инспекторат интензивно ќе контролира и во претстојниот празничен период. Покрај контролата за почитување на одлуката за определени највисоки цени, инспекторите ќе ги следат и законот за управување со пакување и отпад од пакување каде што досега не се откриени прекршоци, а ќе се контролира и примената на препораките од Комисијата за заштита на населението од заразни болести.  

На граѓаните на општина Охрид да им ја честитам Нова година и да апелирам да си го чуваат сопственото здравје и здравјето на граѓаните. Како ќе го зачуваат здравјето – само со почитување на мерките и препораките за заштита на населението од заразни болести – вели Ристески.

Ристески потсетува дека контролата на поседување на сертификат за имунизација и на идентификација на лицата во угостителските објекти е надлежност на МВР, а нивна обврска е контрола на одржување на растојание помеѓу гостите и нивниот број во објектите.