Skip to main content

Помор на пчели во охридско поради несовесно користење пестициди

Пчелари од Охридско и Дебрца алармираат за помор на пчели. Се сомневаат дека штетите настанале поради несовесно користење пестициди. Секоја година, се случуваат труења на пчелите поради хемиски препарати и неправилни, не едуцирани прскања против болести и штетници во земјоделството. Оваа година ќе има намалени приноси на мед, но ако се земе предвид дека 80 % од опрашувањето на растенијата го врши пчелата, со нејзино труење директно се влијае врз намалување на приносите во земјоделието.

 |   | 

Пчеларите од охридско деновиве се соочуваат со помор на пчелите. Велат дека пчелите се отруени поради несовесно и невнимателно прскање на овошјето со пестициди. Штети во пчеларниците забележале пчелари од Орман, Косел, Ливоишта, Вапила, Лескоец, Велгошти, Оровник, Подмолје, Мешеишта, Долно и Горно Лакочереј, Требеништа. Пчелните семејства кои се во јуни најразвиени со овој помор се преполовени. Тони Јосифоски, којшто е претседател на здружението на пчелари од Охрид вели од 90 кошници едвај успеал да спаси 50 пчелни семејства.

„Овоштарите, сигурно ненамерно ни нанесоа голема штета. Пчелата која беше излезена на паша во неколку наврати ја уништија. Се стремиме кон здрава храна, органско производство, но за жал се употребуваат и јаки пестициди што целосно ги уништуваат пчеларниците и тоа ќе се одрази и на производството на мед. Едвај ги развивме справувајќи се со временскиве неприлики, сега проблем ни нанесоа овоштарите. “ – Тони Јосифоски – Претседател на здружение на пчелари „Охрид“.

Овој период овоштарите имаат проблем со лисната вошка и во обид да го заштитат својот род нанесуваат штета на пчелите, се сомневаат пчеларите. Овоштарите не се придржуваат до упатствата за дозирање и препораките на агрономите и ги зголемуваат дозите на средствата за третирање на овоштарниците против штетници, прскаат на пладне која пчелите се надвор од кошниците, обвинуваат пчеларите.

Мора да соработуваме, да се координираме и да се едуцираме, затоа што на овој начин со помор на пчели кој се повторува секоја година, губиме сите, дециден е Јосифоски.

Според експертите неспорно е дека пестицидите можат да наштетат на пчелите, но доколку штетата се случила деновиве, проблематично е што овошките веќе од пред 3 недели не се во фаза на цветање, а тој е периодот кога пчелите ги посетуваат овоштарниците. Агрономот Мирослав Трајчевски се согласува со забелешките на пчеларите дека примената на пестициди не е на соодветно ниво од аспект на стручност. Тоа е поради ниското ниво на совест, законските прописи и нивното спроведување и не е нешто што може да го корегираат само пчеларите, само земјоделците или трговците со пестициди или само државата, вели Трајчевски.

„Недостасува заедничка комуникација помеѓу сите фактори вклучени во овој проблем, недостасува едукација, подобра примена на законите…. Треба да се одржуваат едукации, барем во периодот на цветање на овошките, да се едуцираат земјоделците за користа и штетноста од препаратите, инаку во денешно време индустриско производство во голем обем на храна без употреба на пестициди не е можно. Тие се неопходно зло. Но мора да се заштитат пчелите, мора да се читаат и почитуваат упатствата за употреба на пестицидите со што овој проблем може да се сведе на минимум.“ – додава агрономот.

Оштетените пчелари велат дека ќе биде потребно многу време за да се опорават пчелите, годинава ќе има загуби во производството на мед. Пчеларите од охридско и Општина Дебрца и преку Пчеларското здружение се консултираат со адвокати, за како што велат, доколку не успеат да се договорат и соработуваат тогаш проблемот ќе го решаваат правно.