Skip to main content

Помош за охридската итна помош

Ќе биде ли конечно обновен дотраениот возен парк на Службата за итна медицинска помош во Охрид?

 |  Голабовски Крсте  | 
ambulantno vozilo
амбулантно возило

Граѓаните реагираат дека повеќето од возилата се стари и дотраени и дека итно е потребна нивна замена. Ваквата состојба ја потврдуваат  и од охридската итна помош. Информираат дека веќе побарале четири возила од Министерството за здравство.

ambulantno voziloМногу често се слуша звукот на сирената на амбулантните возила низ градов, посебно во овој период од годината кога градот врие од туристи и кога летните горештини си го прават своето. Во ситуација кога моментите живот значат, помошта која пациентот ја добива во амбулантното возило може да биде од пресудно значење. Но каква е состојбата во се наоѓа амбулантниот возен парк во нашиов град и дали сеуште пациентите ќе се пренесуваат до медицинските одделенија со олдтајмери? Граѓаните се жалат дека повеќето од возилата се стари и без соодветна опрема, потребна за реагирање во животно загрозувачки состојби.

И од Одделението за итна медицинска помош и домашно лекување од Охрид информираат дека повеќе од потребно е да се обнови возниот парк, со што во голема мерка би се олеснило функционирањето на оваа служба која е од витално значење за здравјето на граѓаните и туристите.

brza pomoshОттаму објаснуваат дека моментално нивниот возен парк се состои од две санитетски возила марка „Мерцедес“ стари 23 години, две амбулантни комби возила стари 20 години и две возила  марка „лада“ стари 12 години. Особено тешка е состојбата за време на туристичката сезона, кога се зголемува бројот на интервенции, па од оваа служба се приморани да позајмуваат амбулантни возила од другите одделенија.
Овие олдтајмери често се расипуваат па редовните поправки не се доволни да одговорат на потребите. Уверени се дека набавката на новите возила во голема мерка ќе го олесни функционирањето на оваа и тоа како важна медицинска служба.

Од Министерството за здравство информираат дека тендерот за набавка на возила е завршен во месец мај и дека се набавени 70 комплетно најсовремено опремени возила, кои до крајот на годината треба да бидат дострибуирани до здравствените домови низ градовите во земјата. Кој град колку возила ќе добие ќе зависи од бројот на жители и потребите на одделенијата за итна медицинска помош и домашна посета, информираат од ресорното министерство.

{loadposition content9}