Skip to main content

Туризам

Пополнето приватното сместување во Охрид

За разлика од сместувачките капцитети од мал обем, некои хотелски брендови остануваат затворени. Исклучок се оние хотели кои инвестираа во фотоволтаични системи и станаа енергетско ефикасни, велат туризмолозите.
 |  Валентина Неловска  | 
Охрид украсен

Домашните гости и странските туроператори се се помалку заинтересирани да резервираат легла во хотелите за претстојните празници, велат туризмолозите. Повеќето хотели се одлучија да ги затворат вратите за гости во овој дел од зимскиот период пред се заради високите трошоци за електрична енергија, вели Климент Наумов од ФТУ . Тоа доведе до помала заинтересираност кај туристичките агенции за испраќање на туристите за новогодишните празници во охридските хотели. Настанатата ситуација која ја наметна енергетската криза сепак не значи дека Охрид ќе остане празен за празниците, вели Наумов. Додова дека за разлика од хотелите се бара место повеќе во сместувачките капацитети од помал обем.

Охрид украсен

„Сите приватни сместувачки капацитети се пополнети. Доаѓаат туристички оператори и туристички агенции од регионот кои на големо вршат закуп на приватно сместувачките капацитети. Мислам дека ќе дојде до еден вид компензација гостите кои нема да претстојуваат во хотелските капацитети ќе прославуваат Нова година во приватното сместување“, вели Наумов.

Охрид украсен

Се наоѓаме во дел од сезоната кога треба дополнително греење, а тоа е невозможно за повеќето хотели. Долги години не се инвестираше во обновливи извори за затоплување бидејќи никој не можеше да предвиди дека ќе се случи нешто вакво, нагласува Наумов. Сега, тоа ќе може да си го дозволат само оние хотели кои се реструктуираа за кратко време и инвестираа во фотоволтаични системи. Додава дека државата треба да се вклучи и да интервенира со помош.

Охрид украсен

„Тоа е орган кој треба да се вклучи во одржување на живот на овој дел од стопанството. Без нејзина интервенција не може да зборуваме за опстојување на овој сектор. Се работи за тешка ситуација без државна интервенција жртвите ќе се големи и ќе резултира со затворање на голем број бизниси“, вели Наумов.

По ковид пандемијата, економската и енергетската криза на сето тоа се надоврза и војната во Украина. Резултат на сето тоа е зголемување на цените и трошоците за работата на хотелските и угостителските капацитети. Во вакви ситуации насекаде во светот и во регионот државата треба да преземе мерки за ублажување на ситуацијата, подвлекува Климент Наумов од ФТУ Охрид.
Инаку, за претстојните празници во Охрид најбројни ќе бидат гостите од Србија, Црна Гора, Хрватска, Грција, Албанија и секако домашните гости.