Популаризација на едриличарството меѓу младите
Основците од школото Св. Климент Охридски се запознаа со спортското едрење. Искусни едрличари им ги доближија добрите страни на едриличарскиот спорт. Учениците од нижите одделенија имаа можност да научат повеќе за деловите од кои е составена едрилицата како едро, јарбол, крма и како таа се движи со помош на ветар. Децата покажуваат голем интерес за да бидат дел од оваа спортска дисциплина, нагласува Елена Аслимоска, инструктор по едрење. Најмладите имаат големи придобивки од овој спорт. Како олимписки и еколошки спорт придонесува за нивниот правилен развој како и во останатите спортски дисциплини, напоменува инструкторот Аслимоска.
„ Како и во секој спорт, децата имаат можност за дружење, комуникација и забава. Младите спортисти, меѓу кои поголемиот дел од нив во текот на натпреварите ќе се запознаат со начинот на управување на едрилиците, а некои од нив, пак, преку едрењето ќе го надминат и стравот од вода“, вели Аслимоска.
Едриличарската федерација на Македонија, Едриличарската школа Акватика јахтинг со поддршка од Европската унија го промовираат проектот за едриличарството. Стевчо Ставрев, од Едриличарската школа Акватика јахтинг, напоменува дека нивната задача е да ја развијат оваа спортска дисциплина. Преку нивните обуки и тренинзи ќе дадат придонес за поголема експанзија на едриличарството во градот. Во овој спорт да привлечат деца на возраст од 7 години па нагоре.
„Целта е популаризација на едриличарството помеѓу младите генерации. Запознавање со едриличарскиот спорт. Зголемен број на едрилици и искористеност на најголемиот спортски терен кој го имаме Охридското Езеро“, вели Ставрев.
Промоција на едриличарскиот спорт имаше во повеќе охридски основни училишта. Интерес има за овој спорт. Проектот за развој на едриличарството како еколошки спорт, во кој се користи обновлива енергија ќе се реализира во две етапи. Младите едриличари ќе може да изучуваат теоретски и практичен дел за едрењето. Ќе се запознаат и со техниките на навигација, како да останат безбедни при едрењето и секако за еколошкиот фактор, како пловни објекти кои не ја загадуваат животната средина. Заинтересираните ученици за спортување во едриличарството може да се пријавуваат до 10 јуни во Едриличарската школа „Акватика Јахтинг“ на плажата во Горица 1.