Алтанин мост попушта. Неговата основа почнува да се руши, а исто така на дел од мостот попушта и асфалтот, реагираат жителите кои живеат и имаат куќи во Чекоштина. На мостот му е потребна итна санација. Во населбата Чекоштина во последните 20 години се направени голем број куќи и хотелско сместувачки капацитети и овој мост е единствениот приоден пат до објектите, напоменува Благој Ефтимов еден од многубројните жители од Чекоштина.
„Од негрижа реката го еродира дното и истиот е пред паѓање. Ако се сруши немаме друг премин за целата населба, друг премин немаме за возилата да се оди до населбата. Тоа е голем проблем кој треба најитно да се решава“, вели Ефтимов од името на бројните жители кои се загрижени за мостот.
Нагризувањето на основата на мостот жителите од Чекоштина го воочиле пред еден месец. Во прво време сакале самоиницијативно да интервенинираат, но мислат дека станува збор за сериозна работа за која треба да се ангажираат надлежните институции, вели Ефтимов. Додава дека мостот последен пат бил саниран пред 20 години. Жителите ги загрижува уште една комунална појава, а за која надлежните треба да се погрижат, а тоа е дел од цевководот кој поминува низ реката Коселска.
„Главниот довод на вода од 2 резервати за напојување со вода на Охрид е оставен на отворено. Едниот дел кој беше покриен реката го однесе и цевката е видлива. Не сме стручни, но цевката е во вода, а речната вода не е секогаш чиста, некогаш е загадена и матна па би било катастрофално ако се измеша со водата за пиење“, смета Ефтимов.
Од Фондот за комунални дејности немаат информација каква е ситуацијата со Алтанин мост. Информираат дека нивните служби ќе излезат на терен за да ја скенираат состојбата со двата посочени проблеми.
„Доколку надлежните лица од Секторот за комунални дејности утврдат дека ситуацијата е сериозна и има потреба од некаква реакција ќе бидат преземени мерки за санација. Но, да оставиме во следните денови стручните лица да излезат на терен и да направат увид во новонастаната ситуација“, информира Танески.
Алтанин мост e широк околу 3 метри како што велат жителите е изграден во турско време. Од надлежните институции кои ТВМ ги контактираше никој не знае кој е периодот на неговото градење. Мостот е ѕидан со камен со кружен лак и досега не е ставен под заштита како културно историски споменик.