Поповиќ: „Охридско лето“ е кодот на културата на Балканот
70тото Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација се одржа во рамки на Самитот на уметнички фестивали во Гирона, Шпанија. Пред првите луѓе на ЕФА и над 300 делегати и претставници на најдобрите европски фестивали, директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, зборуваше за богатата историја на фестивалот, во градот кој е духовен центар на македонската култура.
„Културата, уметноста и традицијата го опишуваат кодот на секој народ и зборуваат за неговото постоење низ вековите, неговата посебност и специфичност. Токму „Охридско лето“ е кодот на културата на Балканот, најголемиот промотор на соработка на новата визија на иницијативата „Отворен Балкан“ која отвора нова култура. Фестивалот „Охридско лето“ е специфичен и посебен, препознатлив и единствен на нашите простори, како еден од најистакнатите културни настани во Европа и светот, фестивал со вековна отвореност кон културите создавајќи духовна интеракција во размената на светските добра.“, кажа во својот говор директорката Поповиќ.
На четиридневниот собир во Гирона и Паралада, Поповиќ оствари и бројни средби на кои беше потенцирана улогата на уметноста, фестивалите и фестивалските чинители во општеството. „Охридско лето“ сo секое фестивалско издание се качува скалило погоре во светот на уметноста, а потврда за тоа е високото петто место меѓу 140 фестивали, членки на ЕФА.