Поскапа вода за пиење и тарифа за одведување отпадни води во Охрид од 2027 година

Поскапи сметки за вода и одведување отпадни води за охриѓани во наредните три години. Мнозинството во Советот на Општина Охрид ги изгласа одлуките за новите тарифи на ЈП „Водовод“ и ЈП „Нискоградба“, кои ќе важат за регулаторниот период од 2027 до 2029 година.
Одлуките предизвикаа бурна дискусија во Советот. Опозицијата предупреди дека постепеното зголемување на цените ќе биде дополнителен товар за семејните буџети, додека од јавните претпријатија образложија дека тарифите произлегуваат од методологијата на Регулаторната комисија.
„ Од доставените материјали може да се заклучи дека не станува збор само за едно поскапување туку се денеска гласаме за три последователни поскапувања и тоа конкретно за цената на ЈП Водовод во 2027 ќе поскапи за 8%, во 2028 ќе поскапи за околу 11%, во 2029 ќе поскапи околу 16% во споредба со сегашните цени. Значи граѓаните во 2029 година ќе добиваат за 16% повисоки цени од сегашните. Истото и кај Нискоградба, 2% отприлика. Исто така и за правните лица се зголемува цената на водата по метар кубен и фиксниот надомест, а во 2029 кога ќе завршат циклусите поскапувања, цената на водата на сметката ќе биде за 20% поголема за разлика од сегашната. “- посочи Јане Тодороски – советник од СДСМ.

Од опозицијата реагираа дека зголемувањето на цените на услугите на јавните претпријатија станува практика, наместо последна мерка. Советниците побараа да се разгледаат и други можности за обезбедување средства, без дополнително оптоварување на граѓаните.
„ Јас сфаќам дека најлесно и најдобро за јавни претпријатиите и за директорите кога ќе се исцрпат поголем дел од можностите за прибирање на средства да се пристапи кон зголемување на цените, меѓутоа искрено на нас за две-три години ако гледаме нема јавно претпријатие што не ги има зголемено цените од 30% па па нагоре. Во образложението најверојатно ќе следи дека согласно финансиските состојби кои што ги разгледа регулаторна комисија дава предлог и е образувачка за нас советниците, меѓутоа ние како совет може и да не ја изгласаме таа одлука. Меѓутоа овие две јавни претпријатија, особено Нискоградба, па и тоа е за поздравување, работат позитивно. “- кажа Ванчо Костоски – советник од ВМРО -НП.
„ Нема да гласам за оваа точка, ќе гласам против. Ниту како советник, ниту како граѓани не ги прифаќаме овие поскапувања, сметам дека треба да се побара друга алтернатива затоа што навистина ова е преголемо оптеретување, веќе како да ни стана навика секоја година да ги поскапувате цените на услугите во јавните претпријатија, така да сметам дека требаше да се побара директори вие можда ќе оправдувате поради економската ситуација и сите тие работи, меѓутоа сметам дека ова е последната алтернатива што треба да ја преземите. Секогаш постои некој друг излез а не се да се да се товари на грбот на граѓаните. “ – потенцира Виолета Аврамоска – Левица.
„Уште еден удар врз џебот на охриѓани. Ново поскапување на цените на услугите на јавните претпријатија и кратко само ќе кажам дека како социјалдемократи никако не можеме и нема да се сгласиме со донесување на ваквите одлуки. Повторно со многу голема леснотија носите една ваква одлука која што е удар врз финансискиот буџет на семејствата во Охрид и сметам дека тоа дополнително ќе ги оптовари граѓаните со тоа што доаѓа зима, нормално и цените на електричната енергија ќе одат нагоре. Со тоа на граѓаните ќе им биде и тоа како тешко да да ја врзат крај со крај. Затоа од тие причини ги повикувам колегите советници од владејачкото мнозинство да гласаат против ваквата одлука бидејќи сите во предизборната кампања ветувавме на граѓаните подобар живот. “ – кажа Лидија Неданоска – советничка од СДСМ.

Од ЈП „Водовод“ појаснуваат дека тарифите се утврдуваат според методологијата на Регулаторната комисија за енергетика, врз основа на трошоците и финансиските планови на јавните претпријатија.
Според директорот на „Водовод“, советот може да не ги изгласа предложените одлуки, но тоа не значи дека поскапувањето ќе биде избегнато. Регулаторната комисија може во рок од 150 дена да ги утврди цените, кои, како што посочи, може да бидат и повисоки.
„Значи, дали ќе се изгласа сега одлуката и дали ќе се изгласа во регулаторна е едно исто, затоа што методологијата за утврдување на цената ја прави регулаторна со пресметка на трошоците во базната година. Базната година беше 25-та за овие за овие трошоци. Точно е дека ова јавно претпријатие заедно со Нискоградба во последниот период остварува позитивни резултати и токму заради тие финансиски извештаи цената е ваква како што е се, односно поскапувањата се од 3 денари, 2 денари и 1 денар за значи 3 денари за 27-ма, 1,27 за 28-ма и 2,5 за 29-та година. „-посочи Марјан Ристески – директор ЈП „Водовод“ Охрид.
Според директорот на „Водовод“, ефектот врз месечните сметки ќе зависи од потрошувачката. За домаќинство кое троши од 10 до 15 кубни метри вода месечно, зголемувањето од три денари би значело околу 30 денари дополнителен трошок месечно.
Кај ЈП „Нискоградба“, кое ја наплатува услугата за одведување отпадни води, предвиденото зголемување на тарифите е пониско.
„Варијабилниот надоместок се зголемува за 0,26 денари за 2027. Фиксниот за 2 денари или во проценти 1,67 со 2,67. Што значи тоа за Нискоградба во пари и направената симулација? Околу 100-150.000 денари месечно при 100% наплата. Или годишно околу милион и пол денари. Фала му на господ. Нискоградба е толку стабилна што 150.000 или 100.000 или 200.000 и милион де не ни значат“ – кажа Александар Трпеноски Директор ЈП „Нискоградба“
Советниците реагираа дека се ставени пред свршен чин и не гледаат потреба советот да ја носи таа одлука само како формалност. На седницата беше отворено и прашањето за оправданоста на општинските субвенции за јавните претпријатија, доколку регулаторните пресметки покажуваат дека со утврдените цени тие можат да функционираат. Директорот на Водовод потсети дека постои иницијатива од страна на Регулаторна комисија во иднина да се изземат советите од гласањето на цените.





