Skip to main content

Авто такси превоз

Поскапе такси превозот во Охрид

Советниците позитивно одговорија на барањето на такси превозниците со оглед на поскапувањето на горивата и економската криза. Но, воедно на денешната седница беше побарано од такси компаниите да ги подобрат услугите и односот кон граѓаните. Градоначалникот, порача дека такси превозот ќе биде под засилен инспекциски надзор и доколку не се придржуваат до прописите казните ќе бидат ригорозни.
 |  Маја Савиќ  | 
Поскапе такси превозот

Охридските советници им излегоа во пресрет на барањата на такси превозниците за поскапување на услугата. Денеска на Седница на Совет беше изгласана одлука со која поскапе такси превозот. Цената на услугата за првиот километар е 50 денари, а секој следен километар во период од 5 ласот наутро до 23 часот ќе се наплаќа по 35 денари а од 23 часот до 5 часот наутро по 45 денари. Основано е барањето на такси превозниците со оглед на покапувањето на горивата и во интерес на градот е компаниите да се справат со предизвиците и да имаат континуитет во работата, кажа советничката од СДСМ , Живка Ангелоска. Но воедно , советничката упати апел до такси компаниите , како што се зголемува цената така да се подобри и услугата која ја добиваат граѓаните и туристите, посочувајчи ги притоа познатите појави на одбивање од таксисти да возат на пократки релации, не можноста да се повика такси по телефон во летната сезона и слично.

„Како граѓанин на Охрид барам зголемување на квалитетот на услугата и почитување целосно на одлуката , односно во самите такси возила да има на видно место лиценца, беџ за возачот и сето она наведено во одлуката која денес ја менуваме бидејќи такси превозот претставува и имиџ на еден град. И граѓаните и туристите се задоволни кога ќе наидат на чисто возило и коректен однос од таксистот. “ – кажа Ангелоска.

поскапе такси превозот

Поголема инспекциска контрола на такси превозот, посебно во текот на главната туристичка сезона, најави Градоначалникот Пецаков.

„Јас како Градоначалник и советниците ќе излезиме во пресрет, она што го имаат такси превозниците како барање да се реализира, но ќе бидам крајно ригорозен, мислам заедно со инспекциските служби, ако увидам дека работите не се одвиваат како што треба. “ – порача Пецаков.

Хаосот со нелиценцирани таксисти ќе се решева со жолтите регистарски таблички со кои ќе бидат означени сите лиценцирани субјекти кои вршат авто такси превоз согласно законските измени.
А за некоректниот однос на таксистите во текот на туристичката сезона како одбивањето да возат патници на пократки релации или возење без вклучен таксиметар , градоначалникот најави поставување информативни табли со број на кој незадоволни граѓани и туристи ќе можат да пријавуваат такси превозници.