Skip to main content

нафтени деривати

Поскапуваат горивата

Од полноќ цените на нафтените деривати се зголемуваат за 1,5 денари за литар, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
 |  инфодеск  | 
Точење на гориво

Бензините БС-95 и БС-98, како и Еуродизелот (Д-Е V) од ноќеска на полноќ поскапуваат за 1,5 денари за литар, а за три денари Екстра лесното масло за домаќинства, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.

Новата малопродажбна цена на литар ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 83,50 денари, а 85,5 денари на ЕУРОСУПЕР БС-98. Литар ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе се продава по 87,50, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 84 денари. Нагорна корекција за 1,140 денари има кај цената на Мазутот М-1 НС и килограм ќе чини 57,347 денари.

Точење на гориво

Со одлуката на РКЕ, се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,22 проценти во однос на одлуката од 25-ти месецов.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 1,788 проценти или за 19,150 $/тон, кај дизелот зголемување во просек за 2,412 проценти или за 28,700 $/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 2,184 проценти или за 24,450 $/тон, и кај мазутот зголемување во просек за околу 2,268 проценти или за 16,200 $/тон. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 56,0533 ден/$ и е за околу 0,133 проценти повисок од курсот на доларот (55,9790 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка – наведува РКЕ во образложение на Одлуката.