Последни подготовки за Богојавление Водици
Нуркачите од клубот за подводни дејности „Охрид“ и нуркачкиот центар „Акватек“ викендов го исчистија дното на Охридското Езеро кај пристаништето каде ќе биде положен Светиот крст во езерските води.
Оваа акција има за цел обезбедување на безбедна локација каде што ќе се фрла светиот крст од разните отпадoци кои претставуваат потенцијална опасност за скокачите по крстот. Сликата со која се соочија охридските нуркачи речиси иста и годинава. Во акцијата за чистење на езерското дно кај градското пристаниште пронајдоја и отстранија доста метални предмети, шипки, отпадоци од стакло, гуми и други најразлични видови на комунален отпад.
Деновиве продолжуваат активностите за уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на Охридското Езеро. Имено, ЈП Охридски Комуналец соодветно ќе го украси градот, а ќе се спроведат и други активности кои се поврзани со безбедноста на капачите и посетителите.
На 19-ти јануари, богослужбите во охридските парохиски цркви ќе започнат во 7 часот наутро, а точно во 10 часот од Градското пристаниште ќе биде положен Светиот крст во водите на Охридското Езеро. Заинтересираните капачи кои сакаат да бидат дел од настанот, своето учество можат да го пријават во сите парохиски цркви во Охрид.
По чинот на Богојавленскиот водосвет, со почеток во 12 часот на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ предвидена е забавна програма за посетителите, со концерт на групата „Чалгија саунд систем“.