Посната трпеза солена, ама без неа не се може
Охридската белвица е најбарана риба на трпезата за посните куќни слави во Охрид. Неа ја има во свежа состојба, но, од година во година купувачите ја земаат во помали количини, заради слабата економската моќ. Пазарот пак за време на постите е скап за потрошувачите, додека пак пазарџиите велат цените се исти, тој што мора да купи ќе купи и не гледа на цена.
Посната трпеза солена, ама без неа не се може. Поголемиот број на христијански прзници се слават за време на Божиќните пости.
Рибната чорба, посно гравче, риба, посна сарма, туршија се дел од традиционалните македонски јадења кои се наоѓаат на секоја трпеза во фамилиите кои имаат некоја слава. Охридските пазарџии велат од година во година опаѓа куповната моќ на граѓаните а со тоа и нивниот промет се намалува, а цените сметаат дека се нормални.
Но граѓаните кои ги анкетиравме на денешното студено време, сметаат дека охридскиот пазар е скап, а дел од нив имаа и други забелешки.
Рибата е неизоставен дел од трпезата. Посебно во Охрид се бара белвицата која ја има во свежа состојба и може да се купи по цена од 350 ден. Танас Танасоски од здружението „Пастрмка 2012“, вели цените на рибата се пристапни за да може секоја фамилија да ја обезбеди за својата слава.
„За празникот „Св Никола“ фирмата обезбеди доволна количина на риба пред се во овој период обично се фаќа белвицата која е квалитетна риба и е барана на пазарот.
Морам да кажам дека временските услови влијаеа да имаме помала количина во однос на минатите години и таа количина не ги задоволува барањата на потрошувачите на Охрид.
Танасоски нагласи дека и куповната моќ на граѓаните била ослабната поради економската состојба со која сме соочени во овој период. Тоа годинава посебно дошло до израз бидејќи потрошувачите не можеле да си дозволат да земат поголема количина риба..