Поставени темелите на постаментот на споменикот „Фаќач на крст“
Осветен камен темелникот на споменикот за Водици. Донаторот Ванчо Чифлиганец рече дека спомен обележјето ќе има верска димензија, но ќе преставува и атракција за гостите кои го посетуват Охрид.
Осветен камен темелникот на споменикот за Водици. Денес на православниот празник Свети Атанасиј Велики, на свечен начин беше поставен камен темелникот за изградба на новото спомен-обележје за Водици кај градското пристаниште во Охрид.
Чинот на осветувањето и поставувањето на камен темелникот го извршија свештеници на МПЦ, преставници на Здружението „Богојавление“, Претседателот на Совет, Гордана Коњановска и Кумот на Водици Охрид во 2012та, Ванчо Чифлиганец кој е и донатор на споменикот.
Јас како кум на Водици 2012та дадов збор и пред бога и пред граѓаните на Охрид дека заедно со Здружението „Богојавление“ ќе направиме еден убав споменик кој покрај верско обележје ќе биде и атракција за туристите, изјави Чифлиганец.
Претседателот на Совет, Гордана Коњаноска рече дека ова е пример кој треба да го следат сите.
Ние како општина во целост ја подржавме оваа иницијатива за поставување вакво спомен обележје. Што можевме најбрзо ги поминавме сите фази за носење урбанистичко решение за поставување на споменикот, кажа Коњаноска.
Претседателот на Здружението „Богојавление“, Љупчо Арнаудов рече дека овај гест на донаторот Чифлиганец е за поздравување и потенцира дека здружението ќе предложи и идните кумови на манифестацијата Водици да донираат нешто што ќе остане како траен спомен за градот.
Уште неколку ветувања од минатите кумови на манифестацијата треба да се исполнат. Тука е и охридскиот чун кој требаше да се направи. Се надевам и оваа идеја набрзо ќе биде реализирана, рече Арнаудов.
Споменикот за Водици ќе биде висок три метри и десет сантиметри, ќе се лее во бронза и тоа според идејното решение на академскиот скулптор Ангел Коруновски.
Тоа ќе биде еден христијански херој преставен како младич со аскетско тело и продуховен поглед што е во контекст на христијанството, рече Коруновски.
Се очекува спомен обележјето да биде комплетирано до летната туристичка сезона 2014та.
{loadposition content9}