Охриѓани не се дел од проектот за вработување на постари лица
Владиниот проект за вработување на нискоквалификувани и постари лица на определено време, не помина во Охрид.
Општина Охрид не се огласи на владиниот проект за времено вработување на нискоквалификувани и постари лица од 50 години. Од локалната самоуправа велат дека не дека не сакале да им помогнат на своите сограѓани, туку дека апликацијата за проектот во локалната стигнала по електронски пат само два дена пред истекот на рокот за пријавување.
Контактиравме и со директорот на ЈП Охридски Комуналец, затоа што лицата опфатени со прокетот требаше да бидат ангажирани за одржување на улици, јавни површини и паркови во општините, поточно ќе им беа од голема помош на вработените од ЈП. Алче кој е на службено патување, во кусиот телефонски разговор ни рече: „Нема да ги девалвираме нашие сограѓани да работат за по 3 – 4000 денари. Градов и онака е чист“. Директорот уште додаде дека ова не е мерка со која може да се намали кризата во една држава. Тој уште посочи дека доколку владата сака да им помогне на социјалците, но и на сите останати, подобро би било да ја намали акцизата за увоз на нафтени деривати.
Директорот на заводот за вработување Јован Баткоски кој деновиве го користи годишниот одмор, зачуден зошто општина Охрид не ја искористи можноста за вработување на определено време на 40 лица од Охрид. Тој открива дека е зачуден зошто локалната самоуправа не се огласи на овој проект, кога имаат одлична соработка.
Батковски во телефонскиот разговор уште ни кажа дека откако го испратиле проектот во локалната самоуправа, оствариле и дополнителен контакт при што побарале од таму да изготват пријава, програма, и список на лица кој потоа заводот дополнително ќе го исконтролира.
Баткоски додаде дека со овој проект кој веќе се реализира во другите општини, ангажираните лица ќе добиваат околу 7600 денари, од која сума треба да го платат персоналниот данок и осигурување во случај на повреда при работа и професионално заболување.
Општина Охрид, не ја искористи оваа можност, но затоа пак општина Дебарца токму преку овој проект барем на наколку месеци колку толку им ги реши финансиските проблеми на 9 жители на оваа општина кои веќе започнаа со работа.
Владата за овој проект има обезбедено еден милион евра, а исплатата на средствата за ангажираните лица ќе ја врши преку општината која ги има ангажирано работниците. На ниво на држава времено ангажирани се околу 4000 социјалци, нискоквалификувани и постари од 50 години лица.
{loadposition content9}