Skip to main content

Куќа на робевци

Поставена изложбата Остров на осаменост

Љубителите на уметноста имаат ретка можност да погледнат изложба на цртежи од тројца уметници Лидија Вујисиќ, Мирко Вујисиќ и Сашо Блажес. Поставката „Остров на осаменост“ во Куќата на Робевци е уникатна затоа што содржи целосно оформени дела преку цртежот кој како примарен визуелен запис е во основата на сите визуелни уметности, но поретко користен како сликарска техника.
 |  Маја Савиќ  | 
Изложба Остров на осаменост

Во галеријата „Куќата на Робевци“ поставена е изложба на цртежи од авторите Лидија Вујисиќ, Мирко Вујисиќ и Сашо Блажес. Изложени се 40-тина дела изработени во различни цртачки техники и медиуми. Заедничката поставка на уметниците е насловена „Остров на осаменост“.

Со професорите Мирко и Лидија Вујисиќ соработуваме подолго време. Во 2017 година во улога на куратор учествував во подготовката на нивната изложба „Мултиплицирани реалности“. А овој пат дојдов до идеја, поради корона пандемијата и периодот на затвореност, всушност „Остров на осаменост“ е паралела на карантинот и затвореноста кога секој од нас работеше во своето атеље без да излезе и да има голем контакт со реалноста – истакна Сашо Блажески-Блажес, сликар.

Сашо Блажес

Делата на тројцата уметници како основа го имаат цртежот како медиум. Цртежот, кој денес е настрана од современите текови во уметноста, ние го зедовме како концептуална алатка за целосно оформување на едно дело, вели сликарот Сашо Блажес.

Изложбата е многу ретка. Барем во Македонија ретко се случува изложба на цртеж и тоа и дава една уникатност. Изложба на дела од тројца автори кои имаме сосема различен пристап кон цртежот – додава Блажес.

Изложба Остров на осаменост

Делата на проф. Мирко Вујисиќ кои се поместени на оваа поставка, се графика во доменот на метафизичка фантастика.

Еден израз кој е помеѓу суреализмот, симболизмот и една условно речено дескриптивна реална предожба. Значи сите размислувања стремежи и идеи добиваат една конфигурација на можеби препознатлива органика на човек, на тело, на фигура, на портрет – истакна уметникот Мирко Вујисиќ.

Мирко Вујисиќ

Проф. Лидија Вујисиќ на своите цртежи оживува мотиви од театарски претстави. Инспирацијата ја црпи од играта на театарските штици и трансформациите на нејзиниот син, актерот Стефан Вујисиќ.

Ме инспирираше бидејќи од првата улога доста добро се трансформираше и добиваше и по 5-6 ликови во една претстава, нешто што претходно немав прилика да го видам. Тоа дојде некако спонтано, имав инспирација, а имам и искуство со цртеж, иако ова беше првпат да правам цртеж со по десет ликови кои комуницираат меѓу себе – вели Лидија Вујисиќ.

Лидија Вујисиќ

Селекцијата на дела од тројцата уметници побуди голем интерес кај охриѓани и гостите и истата ќе биде поставена на повеќе места како кај нас така и надвор од границите на Македонија.

Изложбата во Куќата на Робевци ќе биде отворена за посета секој ден, освен во понеделник од 09 до 20 часот до 2 септември. Влезот е бесплатен.

Изложба Остров на осаменост
Изложба Остров на осаменост
Изложба Остров на осаменост
Изложба Остров на осаменост
Изложба Остров на осаменост