Поставена спомен плоча на 6-та пешадиска Бригада на АРМ во поранешната касарна
На пригодна свеченост, што се одржа вчера во поранешната касарна во Охрид, беше откриена спомен плоча на 6-та пешадиска бригада на Армијата на Република Македонија.
Во присуство на генералот во пензија и актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија Илија Николовски, воедно и претседател на воените ветерани и резервисти на Република Македонија, на генералот во пензија Филип Котели, претседателот на Сојузот на борци од Охрид, Гоце Георгиевски, претставници на СВР Охрид како и на повеќе актуелни и поранешни припадници на единицата, за развојниот пат на 6 пешадиска бригада, зборуваше полковникот во пензија и претседател на Здружението на ветераните и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија-огранок Охрид, Добре Велјаноски.
Велјаноски, во името на ветераните, за посебен придонес во формирањето на 6 пешадиска бригада, постхумно му додели благодарница на првиот командант на Гарнизонот на АРМ во Охрид, полковникот Јосип Хајба, а делегација на ветераните, положи свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште.
Благодарница за посебен придонес во формирањето на 6 пешадиска бригада, му беше доделена и на тогашниот заменик на командантот, полковник во пензија, Павле Момироски како и на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, за искажаната помош и поддршка за отворањето на спомен собата на 6-та Македонска народно ослободителна бригада, лоцирана во охридската касарна.