Skip to main content

Црвен крст Охрид

Поставени пунктови на Црвен крст за донација храна во рамки на Неделата на борба против гладта

Во текот на Неделата на борба против гладта од 16-22 Октомври во поголемите градски маркети ќе бидат поставени пунктови на Црвен крст Охрид со видно обележени корпи во кои хуманите сограѓани ќе можат да стават-донираат основни прехрамбени производи.
 |  инфодеск  | 

И оваа година Црвен крст Охрид традиционално ја организира кампањата за „Недела на борба против глад“ под мотото „ПОМИСЛЕТЕ И НА НАС“ со цел поттикнување на граѓаните, компании, фирми, итн. активно да учествуваат во оваа хуманитарна акција.

-Во животот, на луѓето им се случуваат немили настани како губење работа, болест во семејството, губење на близок член, природни катастрофи како поплава, пожар… и сл. и истото повлекува финансиски проблеми кои го нарушуваат секојдневното живеење и тогаш приоритетите се менуваат. Тогаш храната е најголем приоритет кој треба да се обезбеди, а потоа да се соберат сили и да се надминат и другите потешкотии. Дополнителна закана за најранливите лица и семејства е енергетската криза со што се продлабочи несигурноста во обезбедување и подготовка на храна. Социјално ранливите семејства често бараат храна токму во Црвениот крст, кој има улога да го намали страдањето и да им даде поддршка во најтешките моменти, велат од Црвен крст Охрид.

Светскиот ден на храната, 16 Октомври, и Неделата на борба против гладта, 16-22 Октомври, од Црвен крст Охрид ќе ја одбележат со активности насочени кон прибирање на доброволни прилози наменети за набавка на прехрамбени производи за подготовка на хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.

Во текот на Неделата на борба против гладта од 16-22 Октомври во поголемите градски маркети ќе бидат поставени пунктови на Црвен крст Охрид со видно обележени корпи во кои хуманите сограѓани ќе можат да стават-донираат основни прехрамбени производи. Од донираните средства и собраните намирници во кампањата ќе се подготват хуманитарни пакети со прехрамбени производи, кои ќе бидат дистрибуирани до крајните корисници.

Од општинската организација на Црвен крст упатуваат апел до сите сограѓани, компании, фирми, институции, да се вклучат во хуманитарната собирна акција на Црвен крст Охрид и според своите можности дадат придонес во олеснувањето на секојдневието на социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.