Skip to main content

Потомците на три семејства од Ржаново одбележаа сто години од доаѓањето во Охрид

Преселбата започнала по Илингденското востание, со заминување на машките членови од семејствата Митрески, Паункоски и Петкоски на печалба во Америка. По доаѓањето во Охрид, во 1919 година, членовите на семејствата даваат придонес не само за личен туку и за економски просперитет на градот. Во минатиот век семејството Петкоски се градители на првото градско кино „Охридско Езеро“.

 |  Валентина Неловска  | 

Потомоците на трите семејства Митревци, Паунковци и Петковци од селото Ржаново, Малесија, одбележаа сто години од доаѓањето во Охрид. Љупчо Паункоски раскажува дека преселбата на нивните претци прво се случила во 1903 година по Илингденското востание во кое нивните претци биле учесници. По пропаѓањето на востанието селото било изгорено и населението морало да бара егзистенција. Нивните прадедовци со позајмени пари заминуваат во Америка , работат вредно како фурнаџии. По завршување на Првата светска војна се враќаат во родниот крај и со семејствата во 1919 година почнуваат нов живот во Охрид. Миле Паункоски, дедото на Љупчо, купува имоти. Во 1930 ја изградил една од поубавите куќи во Охрид на улицата 7 ми Ноември. Успешни се и останатите членови од семејствата Митрески и Петкоски, раскажува Паункоски.

По враќањето од Америка со спечалените пари, купиле имоти. Миле Петкоски купува место и во 1924 година го гради киното Охридско езеро , кое почнува со работа во 1926 година. Стојан Митрески , дедото на Стојче, во 1924 година од теќето го купува местото каде што денес е кафеаната Стар чинар “, раскажува Паункоски.

По Втората светска војна, од страна на комунистичкиот режим, на членовите од овие три семејства им се одземаат имотите. Но, по доделата на Илинденските споменици на Стојан, Неда и Фанија Паункоски, нивните потомци,  со текот на годините си ја враќаат сопственоста, со мака тешко спечалениот имот на нивните претци, раскажува Стојче Митрески. Тој на шега и низ насмевка додава.

Ние сме голема фамилија со многу богата историја. Добро е да се знае потеклото. Радосна вест е што Љупчо ја организира оваа средба на 100 години. И сега може да речеме дека сме граѓани“, вели Митрески.

„ Потомците на овие три семејства, денес, успешни архитекти, економисти, доктори ја одбележаа стогодишнината од преселбата на нивните претци по женска линија од Ржаново во Охрид. На тој начин нашите внуци и правнуци се сретнаа , се запознаа и се присетија на своите претци и корени, кажуваат Љупчо Паункоски и Стојче Митрески.