Потпишан договор со ЕБОР за решавање на проблемот со цврстиот отпад
Стартува проектот за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад во државата. Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова денеска потпиша договор со Европската банка за обнова и развој за грант средства обезбедени од Шведска агенција за меѓународна развојна соработка наменети за техничка поддршка за спроведување на проектот „Регионален проект за цврст отпад“.
Реално започнуваме со имплементација на она што го најавувавме. Овој процес е многу значаен за државата бидејќи самиот проект опфаќа 5 региони, од кои во 4 досега не е превземно ништо. Со овој проект започнуваме со воспоставување на основната инфраструктура за упртавување со отпад – истакна министерката Шукова.
Анди Аранитаси – претставникот на ЕБОР во Македонија кажа дека со реализацијата на овој проект ќе се подобри животот на 1 милион македонци, што е повеќе од половина популацијата.
Зелената агенда е срцето на стратешките приоритети на ЕБОР, а за нас проекти како што е овој задираат до суштината на нашите ангажмани во екологијата – вели Аранитаси.
Покрај ова беше потпишан Договор со консултантската куќа „СУЕЗ Консалтинг“ (САФАГЕ) од Франција, чија задача ќе биде да даде помош на проектната единица во МЖСПП одговорна за реализација на заемот од ЕБОР. За целиот проект „Регионален проект за цврст отпад“ Северна Македонија добива заем во висина од 55 милиони евра.