Skip to main content

Потпишан меморандум за соработка меѓу општините од регионот за поддршка на Центарот за спасување на планина

Потпис на меморандумот ставија заменик градоначалникот на Охрид и првите луѓе на Дебрца и Вевчани. Расте бројот на несреќите на планина како резултат на зголемениот интерес за авантуристичкиот туризам кој го нудат нашите околни планини, напомена при тоа Антонио Додевски од службата за спасување.

 |  Валентина Неловска  | 

Поддршка на Плананиската спасителна служба при Црвен крст Охрид дадоа три општини од регионот. Општина Охрид, Дебрца и Вевчани потпишаа Меморандум за соработка со службата , со кој ги дефинираа меѓусебните обврски за да може службата за спасување да продолжи да функционира и да се развива. Статистиката покажува дека бројот на несреќи кои се случуваат на планина постојано имаат тенденција на пораст, вели Антонио Додевски проект менаџер на Проектот „Регионот Охридско езеро – безбедна дестинација за авантуристички туризам“. Службата за спасување на планина функционира од 2002 година и постојанос се развива според потребите на локалното население и туристите. Само во оваа година интервенирала во 10 наврати, а минатата година дејствувала 6 пати.

„Пред 6 -7 години имаше по 2 -3 интервенции. Сега има рапидно зголемување на бројот на несреќите. Во сите региони има несреќи. По вид и природа на несреќите во Дебрца и Струга сме интервенирале при спасување на локално население во зима, а во Охрид на Галичица при спасување на туристи, кажува Додевски


Градоначалниците на Дебрца и Вевчани во своите планови и визии имаат развој на планинарскиот и аванатуристичкиот туризам , а паралелно со тоа ја согледуваат и неопходноста од постоење од еден ваков спасителен центар кој ќе биде во функција за потребите на регионот.

Со овој меморандум се остварува заедничка соработка и се дефинираат целите и обврските на сите општини и планинската служба. Тоа за општина Дебрца е значајно бидејќи ќе ги искористиме сите наши потенцијали за развој на туризмот во таа насока“, рече Зоран Ногачески, градоначалникот на Дебрца.


„Планираме поголем развој на авантуристичкиот туризам на Јабланица. Досега имаше спасителна служба само на планината Галичица. Инициравме сорабоката да се прошири и да се формира спасителен центар и на Јабланица бидејќи има убави места за посета и можности за авантуристички туризам“, напомена и вевчанскиот градоначалник Сашо Јанкоски.

Ристо Николекси , заменик градоначалникот на Охрид рече дека без оваа спасителна служба не може да се развива авантуристичкиот туризам , но укажа и на важноста при вклучување на оваа служба и во други ситуации.

„Заедно со општина Дебрца ја искористивме спасителната служба за интервенциите во гасење на шумските пожари, едницата ни беше логистичка поддршка“, сподели Николески.

По потпишување на меморандумот следен чекор е усвојување на декларација, но откако советниците од 5 -те општини од овој регион ќе дадат зелено светло за подршка на Планинската спасителна служба. На денешното потпишување на меморандумот за соработка на регионот за Планинската спасителна служба не беа присутни градоначалниците од Ресен, Живко Гошаревски и од Струга , Рамиз Мерко.