Потребна е добра велосипедска инфраструктура за поголема безбедност за велосипедистите
Голем број на луѓе би користеле велосипедски сообраќај, доколку има развиено велосипедска инфраструктура во Охрид и воопшто во останатите градови од земјава. Експертите по сообраќај сметаат дека потребно е работи на една добро осмислена политика, да се дефинираат мерки и активности, како и да се направи план за користење, за промовирање и примена на принципот за одржлив транспорт, односно колку што е можно повеќе обесхрабрување на користење на автомобилот во градовите и охрабрување за користење на сите други алтернативни видови на превоз.
Како најдобро да се заштитиме себе си и другите кои користат алтернативни форми на мобилност, беше синоќешната тема на едукативна трибина за младите, организирана од Републичкиот Совет за Безбедност на Сообраќајот. На трибината стана збор за тоа како зголеменото користење на алтернативните форми на мобилност, велосипеди, ролери, или пешачењето, можат да придонесат до намалување на ризиците во сообраќајот. Љупчо Ставрески претставникот на Републичкиот совет за безбедност појасна што прави Републичкиот Совет во таа насока.
„Се додека не се сменат неколку фактори, едниот е создавање на одвоени ленти на посебни пешачки, велосипедски, моторциклистички патеки каде нивното учество во сообраќајот ќе биде надвор од коловозната лента и ќе биде далеку побезбедно во однос на нивното директно учество. Сето ова не доведува и до клучното прашање дека и покрај тие патишта и покрај тие одвоени ленти да ги направиме, сепак свеста, личната одговорност, почитување на правилата и прописите е на прво место“ – истакна Ставревски.
Денеска во Европа и во светот се става голем акцент и се гради политика за развој на т.н одржлив транспортен систем, кој подразбира колку што е можно повеќе обесхрабрување на користење на автомобилот во градовите и охрабрување за користење на сите други алтернативни видови на превоз, вели проф. Никола Крстановски.
„Мора да се изгради една добро осмислена политика да се изгради, да дефинираат мерки и активности да се направи план за користење, за промовирање и примена на тој принцип на одржлив транспорт и како што кажавте еден од најголемите проблеми е недостаток на инфраструктура една, но недостига и смислена политика и вклучување на разни фактори во општеството кои што треба да се носители и треба да ја спроведуваат таа политика на одржлив транспортен систем“ – вели проф Крстановски.
Дел од тимот предавачи на едукативната трибина беше и претседателот на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот Стефан Димоски. Тој истакна дека на едукативната трибина за млади ќе го поднесат петгодишниот пресек на сите збиднувања во областа на сообраќајот во Охрид, кои пак говорат дека има намалување на бројот на случени сообраќајни незгоди. Ако во 2010 година биле случени 463 сообраќајни незгоди во 2015 тој број изнесува 306.
„За жал велосипедистите се ранлива категорија и најчесто жртви во случените сообраќајни незгоди. Така да според нашите податоци во текот на минатата година нема загинати велосипедисти, додека пак во 2014 година имаме еден загинат велосипедист. Целта и на оваа едукативна нтрибина е да се зголеми безбедноста култура кај сите учесници во сообраќајот, да се подигне јавнатга свест и да сде направи се што е можно да имаме побезбеден сообраќај и секако поголема безбедност за велосипедистите и сите ранливи категории“ – истакна Димоски.
Треба уште многу да се направи за подобрување на велосипедската инфраструктура во градов, вели охридскиот велосипедист Јован Јованоски.
„Мислам дека поголем проблем се возачите во сообраќајот отколку недоволните велосипедски патеки затоа што тие не внимаваат доволно на велосипедистите како да ги занемаруваат затоа имаме и толку жртви во велосипедскиот сообраќај секако дека треба да има поголем број на велосипедски соодветни одбележани патеки“.
И од Општинскиот Совет за безбедност сметаат дека Охрид има потреба од дополнување на постојната велосипедска инфраструктура и зголемување на бројот на сите велосипедски патеки на сите улици. Тоа е проект кој општинскиот совет веќе го има зацртано во својата годишна програма, Велосипедска патека за секоја улица.