„Потребна ни е храна, не тутун“-отворен ден и едукација во Центар за јавно здравје Охрид
Под мотото ПОТРЕБНА НИ Е ХРАНА, НЕ ТУТУН, денес се одбележува Светскиот ден без тутун со цел да се истакне долгорочната важност на одгледувањето на одржливи и хранливи земјоделски култури, наместо тутун, што во актуелниот и многу сложениот момент за нашата планета и општество, особено е значајно.
По повод Светскиот ден без тутун Центарот за јавно здравје ги поканува граѓаните на отворен ден во Советувалиштето за одвикнување од пушењето при ЦЈЗ Охрид, денес од 12 – 14 ч., каде ќе можат да ги дополнат своите знаења за штетноста на тутунскиот чад и на изложениот штанд да добијат промотивно-едукативен материјал.
„Потребна ни е храна, не тутун“, ќе биде тема на едукативните работилници што стручните лица на Центар за јавно здравје Охрид ќе ги одржат во средните училишта во Охрид.
Пушењето како причина за смрт се поврзува со околу 7.2 милиони смртни исходи во светот, годишно. Тутунот убива приближно половина од своите корисници, одземајќи така повеќе животи отколку сидата, маларијата и туберкулозата заедно.