Skip to main content

Потребни се повеќе факти, а не сензационализам и полувистини за квалитетот на водата во Охридското Езеро

Често медиумите погрешно ги презентирaат стручните извештаи, некогаш од недоволни познавања, но некогаш и тенденциозно.
 |  инфодеск  | 
Охридско езеро

Дезинформации, полувистини и манипулации неретко се пласираат  за квалитетот на водата во Охридското Езеро. Клик бејт  наслови, кои денес се популарна мамка за привлекување на што повеќе посетители на веб страниците  од типот „Водата во Охридското Езеро е загадена”, „Фекалии пливаат во Охридското Езеро “, „Небезбедна водата за капачите во Охрид”  и слично најчесто  се сретнуваат  пред стартот на летната сезона.

Оваа година во месец јуни погрешна интерпретација имаше на соопштението на ЦЈЗ Охрид кое се однесуваше на квалитетот на водата. Наместо да се пренесе целосната слика дека само на одредени точки вдолж езерото водата е од пониска категорија,  а сегде е од повисока категорија односно безбедна за спорт и рекреација, повеќето портали информацијата ја презентираа обратно.

Од ЦЈЗ велат често медиумите погрешно ги презентирaат стручните изрази некогаш од незнаење, но некогаш  злонамерно и тенденциозно.

„Некогаш тие се случајни, но некаде се и смислени и злонамерни. Сето тоа се стручни содржини коишто бараат од оние кои ги објавуваат и од оние кои ги бараат од нас да имаат барем основно познавање. Или пак, да побараат од стручните лица коишто се вработени овде дополнително појаснување за одредени содржини пред да ги објават. За жал не сме сведоци дека така се прави, чест на исклучоци кои го работат тоа професионално, но има голем број портали, медиуми кои што навистина само ќе загребат на површината, нема детално да го прочитаат извештајот, информацијата и ќе ја пласираат како сензација којашто не соодветствува на реалноста и вистината” , вели Сашо Точков директор на ЦЈЗ Охрид.

Од дезинформациите трпат штети институциите, но најголема штета има туризмот, бидејќи кога се шират лаги дека водата е загадена и небезбедна за капење, голем дел од граѓаните ќе го избегнуваат Охрид како туристичка дестинација.

„Дезинформациите се смислени за да направат штета и за да дезинформираат јавноста. Доколку ширите вие дезинформации дека водата не одговара на одредени места, а немате точни информации за тоа , тоа е штета и за градот и за туристите и за жителите на Охрид, коишто живеат од туримзот, но и за оние туристи кои сакаат да дојдат и да ги чувствуваат благодетите на Охридското Езеро. Секако дезинформациите се штета и за оние на кои се наменети, а корист имаат одредени луѓе кои што ги пласираат а имаат други интереси”, вели Точков.

Граѓаните треба да бидет медиумски писмени, да не ги земаат информациите здраво за готово. Секогаш да ги проверуваат, дали во нив се застапени факти од официјалните извори.

„Свеста, одговорноста на секој човек, на јавноста. Ако добијат дезинформација односно информација дека водата на плажата Горица не е закапење, слободно може да се обратат до нас доволно сме отворени транспаренти, ние коишто вршиме такви анализи. Ако е друга проблематика за воздух, храна може да се обратат и да добијат информации од официјална институција.

Главната улога во битката со дезинформации, полувистини и манипулации ја имаат новинарите и медиумите, кои секогаш треба да се држат до фактите и да ги базираат своите извештаи на податоците од официјалните извори.

Новинар Соња Рилковска