Skip to main content

Потребно е огромно лоби за Охрид да стане универзитетски град смета фелата

Според нив, административно Охрид веќе е универзитетски град, бидејќи веќе има еден универзитет, но според нив потребно е многу повеќе за да се добие епитетот универзитетски град.

 |  Мишел Наумоски  | 
ftu

Градот на писменоста и просветителството во 2015та година своето образование го темели само на две високообразовни институции. Во образовната фела постои консензус околу потребата Охрид да добие повеќе универзитети, но барем досега не дошло до реализација на ваквата идеја. Наместо Охрид, Штип во рок од 8 години прерасна во универзитетски град благодарение на Универзитетот “Гоце Делчев” во кој функционираат повеќе од десетина факултети. Според проф.д-р Ирина Петровска од Факултетот за туризам и угостителство, во Охрид постои 45 годишна традиција на високообразование и ваквата идеја едноставно мора да се реализира.

ftu univerzitetski grad“Дека постоела идеја меѓу колегите наши, меѓу минатите декани и сегашните декани постои, желбата е огромна. Претпоставувам дека постоеле одредени надворешни влијанија кои влијаеле таа идеја да не се реализира, но верувајте на многу наши наставнички совети, симпозиуми, конгреси оваа тема е зачната и е разговарано. Охрид заслужува да биде и да прерасне, тој почнува, но треба навистина да прерасне во еден универзитетски центар.”-вели професор д-р Ирина Петровска од Факултетот за туризам и угостителство.

За Охрид конечно да успее во реализацијата на идејата за универзитетски град, според сопственикот на образовниот центар “ПИ-СИ”, Ангел Јанев потребно е навистина силно политичко или бизнис лоби кое би се залагало за отворање на нови универзитети во градов. Јанев вели дека токму таков бил случајот со отворањето на Универзитетот за информатички науки и технологии “Св.Апостол Павле”.

univerzitetski kampus“На тој состанок тие ни образложија дека во Охрид ќе се отвора универзитете за информатички технологии. За тој универзитет лобираа многу луѓе, како што излезе приказната, веројатно бидејќи тоа случајно не доаѓа во Охрид, меѓутоа идејата беше колку што знам за почетокот во Скопје. Тогаш станавме, се јавивме за збор прашавме, едно едноставно прашање, еве во Скопје има факултет за информатички технологии, има уште маса приватни факултети кои се занимаваат со тоа, имате во Битола факултет, Штип беше отворен, Тетово, зошто да не е Охрид, одговараа што одговараа меѓутоа многу брзо се дојде до реализацијата. За таа реализација, јас верувам дека луѓе од Охрид застанале, не може некој друг да ни ја заврши работата.”-рече Јанев.

Инаку во насока на реализацијата на идејата Охрид да прерасне во универзитетски град, можеби еден мал исчекор е Универзитетот “Св.Апостол Павле” кој во догледна иднина ќе може да ги пресели своите простории во новиот универзитетски кампус кој е во фаза на подготовка во рамките на некогашната касарна.