Потребно е вложување во еко зелени хотелски капацитети
На охридско-струшкото крајбрежје потребни се инвестиции во еко зелени хотелски капацитети. Главната причина е заштитата на животната средина како една од клучните прпепораки на Унеско, но и заштеда на електрична енергија во време на криза.
Постоечките хотели треба да ги редизајнираат своите објекти, системите за греење и ладење, за да ги направат еколошки попријатни. Бројот на патници кои избираат да одат на еко патување расте, согласно последните студии, туристите се подготвени да платат и повеќе.
Се повеќе и повеќе ќе се случува да создаваме аранжмани по барање на туристите отколку ние да им нудиме програми кои што веќе тука. Цената веќе не е пресудна, туку услугата и сигурноста на дестинацијата. Се уште го чекаме првиот хотел во Охрид кој што ќе ги има зелените ѕвезди – вели Љупчо Јаневски, директор на Агенција за туризам.
Во регионот се уште недостигаат и препознатливи хотелски капацитети од светските познати ланци. Треба да се работи на привлекување на вакви инвестиции.
Очекувам дека во брзо време можеби до 2025 година веќе во Охрид да имаме хотели кои што ќе имаат одредени франшизи од светски ланци. Тогаш ќе бидеме многу повеќе на мапата и чекор погоре кон елитниот туризам – вели Јаневски.
Во моментов најголемиот дел од хотелите на охридско-струшкото крајбрежје се под клуч. Главната причина е енергетската криза и високите сметки за електрична енергија.
Новинар : Соња Рилковска