Повеќе снег, повеќе работа
Поголемата количина снег кој наврна утринава, ги крена на нозе надлежните служби.
Наврна и првата поголема количина на снег. Децата со сигурност му се израдуваа, но возрасните негодуваат поради низата проблеми кои доаѓаат со него. Затоа пак надлежните служби крајно мобилизирани. Вработените од јавното претпријатие „Охридски комуналец“ задолжени за чистењето на снегот низ охридските улици, уште од три часот изутрина излегле на терен.
Најпрво пристапиле кон чистење на наносите од снег по улиците, а потоа кон посипување на абразивна мешавина од сол и песок.
„Со специјални машини го исчистивме пристапот до Горна порта, и од Илинденска до Света Софија, како и „Бараките“ значи онаму до каде што налагаат потребите и веќе две машини се упатени кон селата кои гравитираат околу Охрид, за да се исчистат и пристапните патишта кон селата.“-вели директорот на јавното претпријатие „Охридски комуналец“, Сашо Алче.
Со оглед на количеството на наврнат снег, од Комуналец очекуваат да потрошат околу десетина кубици мешан, абразивен материјал, но велат дека ако има потреба од повеќе, ќе продолжат и натаму со посипување. Освен чистењето на коловозите, секако особено важни за пешаците се и тротоарите.
„Тротоарите ги чисти работната единица „Хигиена“ и „Паркови и зеленило“ и тие се чистат од 4 часот изутрина. Заради интензитетот на снегот и заради обилноста, ќе продолжиме цел ден да работиме. Се надеваме дека и тука ќе завршиме работа некаде до 18 часот. Се очекува при крај на денот да завршат овие врнежи и понатака продолжуваме да го чистиме и подигаме снегот.“-рече Алче.
Според Алче, најкритични и најпроблематични места се високите точки во стариот дел на градот. Но се чини не помалку опасни се и останатите. Полни раце работа поради снегот, добија и во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“-Охрид. Информираат за зголемена фреквенција на пациенти поради падови.
Дел од примените пациенти биле донесени од итната медицинска помош, а дел со сопствени возила биле примени со повреди на горните и долните екстремитети. Кај 5случаи до сега била потребна хируршка интервенција, а дел биле имобилизирани.
Од болницата напомнуваат дека не штрајкуваат и дека сите пациенти кои ќе побараат помош ќе бидат згрижени. Својата работа ја бркаа и комуналните инспектори. Тие од 9 часот утринава започнале со редовните контроли на спроведувањето на Законот за јавна чистота, односно проверуваа дали физичките и правните лица ги чистат влезовите во домовите и просторот пред дуќаните.
Од Комуналниот инспекторат не информираат дека се задоволни од тоа колку дуќанџиите го почитуваат законот, но апелираат својата обврска да ја исполнат сите граѓани на Охрид. Инаку само за потсетување казните за неисчистен влез пред дуќан, изнесуваат 800 евра, а за неисчистен влез односно двор кај физичките лица, изнесуваат 200 евра. Па фаќајте лопата и на работа!
{loadposition content9}