Skip to main content

Повозрасните граѓани барале помош од психолог во пандемијата

Граѓани од регионот барале совети како да се справат со стресот и самотијата. Отворената линија за давање психолошка помош која функционира во општинската организација на Црвен крст беше и сеуште е потребна за подобро ментално здравје кај граѓаните.

 |  Валентина Неловска  | 

Повозрасни граѓани од регионот барале најчесто совет од психолог за да се справат со стресот и осаменоста коишто ги наметна пандемијата, информира психологот Ранко Раткушински. Тој е во секојдневен контакт со граѓаните кои бараат помош и се јавуваат на отворената линија за прва  психолошка помош и психо-социјална поддршка која функционира во општинската организација на Црвен крст. Психологот споделува дека на почетокот од пандемијата биле почести јавувањата од повозрасни граѓани од целиот регион. Постоењето на оваа стручна помош за граѓаните беше и  сеуште е потребна, покажува досегашното искуства на Раткушински. 

Најчесто се соочуваме со анксиозност, панични напади и луѓе кои сакаат да се информираат како и што да прават. Ние се надеваме и сакаме што помал да е бројот на луѓето на кои им е потребна помош. Мислиме дека на овој начин ќе продолжиме луѓето да ги  растеретиме од стресот кој го носеа претходните години за време на пандемијата, да продолжат нормално да функционираат во секојдневниот живот – истакна Раткушиноски.

Покрај можноста граѓаните да се јавуваат на телефонската линија во ОО ЦК, може да закажат и лични средби со психологот. Тоа е уште еден начин за стручните лица да помогнат во подобрување на менталното здрвје кај граѓаните.

Најчесто се психолошки освети и укажувања за механизми, техники и методи кои можат да ги применат самите дома, со цел да си помогнат во состојбата во која се наоѓаат. Доколку увидиме дека барањата на јавувачот ги надминува нашите граници на дејствување, како психолози имаме ограничени можности да дејствуваме во одредени проблеми, ние се консултираме и ги препраќаме да се јават кај матичниот лекар, психијатар или соодветно стручно лице кое ќе го реши нивниот проблем – додава Раткушиноски.

Психологот напоменува дека во минатата година фокусот за подобрување на менталното здравје бил ставен и на помладата популација. Биле одржани повеќе работилници за психолошка помош кои предизвикале силен интерес кај младите.