Skip to main content

Повредите на работните места во пораст, велат од Групацијата за безбедност и здравје при работа

Повредите на работните места во пораст, велат од   Групацијата за безбедност и здравје при работа.

 |  Валентина Неловска  | 

Во првите три месеци од годинава 14 охридски работници се задобиле со посериозни повреди на работното место, информираат од Фондот за здравствено осигурување. Во минатата година биле регистрирани 30 повреди на работните места. Ова се податоци за боледувања издадени за повреди за над 16 дена кои ги дава првостепената лекарска комисија на Фондот.

Од Државниот инспекторат за труд иако ни ветија податоци за точна бројка на настанати повреди на работните места до затварање на дневникот не ни ги испратија податоците и гипрезакажа дека ќе ги испратат во текот на утрешниот ден.

Борче Стојчески потпретседател на Групацијата за безбедност и здравје при работа при Стопанската комора на РМ информира дека расте бројот на повредите, но и на оние со фатални последици по животот. Посочува дека најчесто страдаат градежните работници и земјоделците.

„Во последните 2 години официјалните податоци за повредите тешко може да ги најдеме во РМ, но на терен секојдневно бројот на повредите се зголемуваат и бројот на смртните случаи. Тоа значи дека целта со која е донесен законот од 2007 година не е оправдана и е неопходна ревизија или нов концепт во согласност со Европските директиви. Во почетокот законот беше пресликан со европските директиви, но со 10 измени законот отиде во погрешна насока“, вели Стојчески.

За подобрување на целата состојба со безбедноста и здравјето при работа потребни се големи зафати, велат од Групацијата. Една од нив е укинување или менување на правилникот за висина на трошоците за услуги кои тие ги прават за нивните клиенти.

„ Една од работите кои ние спориме е дека одредени цени кои се во правилникот не овозоможуваат квалитетна изработка на наши услуги. Такви се проценка на ризик на работното место, начинот на мерење воодредени ситуации. Правилникот е контрадикторен со други Правилници кои ги издава Министерството за труд и во принцип не знаеме по кој правилник да постапиме. Ова е една од можните мерки за да се подобри безбедноста во самите компании“, напоменува Стојчески.

Од Групацијата бараат да им се овозможи давање квалитетни услуги и поадекватни услови за побезбедна работа на вработените со вистинска конкуренција во секторот за безбедност и здравје при работа од 45-те компании во оваа дејност. Се залагаат за слободен пазар, да се изборат самите за местото и со клиентите да ги формираат цените и да одберат со кого сакаат да работат.

Во меѓувреме, од групацијата ќе поднесат предлог иницијатива до министерството за труд и социјална политика за нов Правилник за услугите кои ги извршуваат. Собранието не е формирано и тешко дека ќе се измени Законот по кој е донесен Правилникот за висината на трошоците за извршување на стручните работи за безбедност при работа, кажуваат од Групацијата.