Повторно активности во објектот на Ул. „Димитар Влахов“
Повторно реакција од граѓани во рубриката ТТГ во врска со градбата на ул.„Димитар Влахов“. До редакцијата на ТВМ ТелевизијА, испратија фотографии и видеа во врска активности кои се одвиваат на објектот, а кои тие, во текот на денешниот ден, ги регистирале.
ТВМ Телевизија испрати барање за информација до Општина Охрид – Дали оштинскиот инспекторат излезе повторно на увид, ако е направен повторен увид – што е констатирано и дали и какви мерки се преземени?
Како што информиравме претходно, согласно информациите кои ни беа доставени од Општина Охрид, на 14.08.2023г. овластен градежен инспектор на предметната парцела извршил вонреден надзор и изготвил записник според кој, при увидот на лице место било консататирано дека инвеститорите изградиле нелегални доградби на објектот, спротивно на Одобрението за реконструкција издадено од Општина Охрид. Градежниот инспектор на 30-ти август донел Решение за отстранување на доградбите. Наредниот ден општински инспектор со полициска асистенција извршил затворање на градилиштето со лента и заштитен знак.
Од НУ Завод и Музеј, на 05.09.2023 година за ТВМ информираа дека инвеститорот отстапува од проектот при реконструкцијата на објектот на ул Димитар Влахов. За терасите и доградбите на куќата каде порано беше седиштето на ССМ, ниту општината издала одобрение, ниту од НУ Завод и Музеј дале позитивно мислење.
Објектот не претставува поединечно заштитено добро, но истиот се наоѓа во контактната зона на Заштитена споменична целина прогласена за културно наследство од особено значење и согласно Закон, за реконструкција на истиот се издава Конзерваторско мислење од страна на НУ Завод и Музеј Охрид.
НУ Завод и Музеј дозволила промена на кровот со препокривање со црвена ќерамида на веќе постојната конструкција и промена на внатрешна и надворешна столарија во кафеава боја со дрвен финиш по урнек на постојната. Исто така Заводот дозволил санација на фасадата, но со зачувување на истиот изглед и бела боја.
Граѓаните во рубриката Ти си твојот град на ТВМ Телевизија реагираат дека уште една градба која беше препознатлива полека но сигурно исчезнува и дека по реконструкцијата, градот ќе добие или лоша копија или сосема нова зграда, која нема ништо од изгледот на оригиналниот објект.
Инаку, во оваа куќа на 26 и 27 ноември 1941 година бугарскиот воен суд во Охрид ги осудил на смрт со бесење Лазар Колишевски и Петре Пирузе, додека Кирил Главинчев, Андон Дуков и Јаким Спироски биле осудени на повеќегодишна затворска казна поради организирање вооружено востание против бугарскиот фашистички окупатор. Пред куќата стои мермерната спомен плоча како потсетник на тој настан од историјата.