Skip to main content

Повторно се актуелизира потребата од пловило амбуланта на Охридско Eзеро

Градоначалникот Пецаков гледа можно решение во проширување на дејноста на Планинската Спасителна служба.
 |  Голабовски Крсте  | 
Пловило амбуланта

Повторно актуелизирана потребата од ставање во функција на пловило амбуланта за потребите на охриѓани и туристите за време на летната сезона. И градските советници на последната седница на советот дискутираа во насока на изнаоѓање на системско решение за ставање во функција на на ваков пловен објект.

Зголемениот број на интервенции на итната медицинска помош, уште еднаш го актуелизира прашањето за вклучување на пловило или глисер кој за време на летната сеозна би можел да се користи за пренос на пациенти. И советниците на последната седница на Советот, на точката за советнички прашања расправаа токму за оваа идеја. Советничката Леона Кичеец, во врска со примарната здравствена заштита, која е во надлежност на локалната самоуправа, запраша дали е можно од следната туристича сезона, ставање во функција на пловило амбуланта, за превоз на пациенти.

„Тоа е потребата од глисер, кој би можел да превезува пациенти, наместо амбулантните возила, бидејќи знаеме каков е патот особено од Лагадин до Св.Наум и колку тука има случаи на давеници и пациенти од самите околни населени места, од плажите. Знаеме дека е честа појава. Јас од информации од граѓани дознав дека таков глисер постои и е во сопственост на Црвениот крст од Охрид, па бидејќи за оваа сезона е доцна, дали може да се воспостави некаква соработка за идната сезона меѓу Општина Охрид и Црвениот Крст, барем за три месеци локалната да субвенционира гориво, а тој да се користи за брза помош.“ – кажа советничката Кичеец.

Градоначалникот Пецаков одговори дека станува збор за проблем и решение за тој проблем не може да се изнајде преку ноќ. Тој гледа можно решение во проширување на дејноста на Планинската Спасителна служба.

„За одржливоста се погриживме и гледате колку се актуелни, колку туристи има по планините, колку се случуваат спасувања. И сметам дека тоа може да се надоврзи. И доколку е вистина да има глисер ама за таа намена, не да е само глисер или брз пловен објект, да има соодветни услови, би можел да се користи и за спасување на вода и за транспорт на пациенти, меѓутоа тоа е нешто на коешто во иднина треба да работиме и убеден сум дека постојат фондови коишто би можеле да субвенционираат еден таков објект кој би бил ставен во служба на овие спасителни служби кои постојат и кои доколку утре добијат институционална поддршка од ДЗС под која треба да работат, ние сме спремни да ја прошириме дејноста на ПСС. – кажа градоначалникот Пецаков.

И првиот човек на Општинската Организација на Црвен Крст  Охрид, Сашо Точков, вели дека станува збор за добра идеја и за проблем за кој може да се најде системско решение. Информираше дека од организацијата стојат и кадровски и логистички на расолагање за ставање во функција на пловило амбуланта, ако ништо повеќе, барем за време на летната туристичка сезона.