Skip to main content

Повторно гореше трска на крајбрежјето на потегот Струга- Калишта

 Евидентирано е ново опожарување на трската за  само десетина дена, а надлежните молчат.  Еколозите бараат од институциите кривична одговорност за  сторителите кои ја уништуваат трската за подигање плажи   и други комерцијални објекти. 

 |  Валентина Неловска  | 

Еколозите од Охрид СОС повикуваат надлежните институции да го запрат криминалот врз појасот трски на Охридското Езеро. За само десетина дена во два наврати е запалена трската на Охридското Езеро на патот Струга – Калишта , а надлежните институции молчат и на општинско и на државно ниво. Палењето трски на заштитено подрачје е кривично дело, потсетуваат активистите од Охрид СОС . Бараат одговорност од соодветните институции за, како што велат, екоцидот што се случува на струшкиот дел од крајбрежјето. На потегот Калишта Струга со приближување на летната сезона почнува да се уништува трската на крајбрежјето , информираат и од Извидничкиот одред „ Крсте Јон“ , кои од јуни минатата година добија проект од УНДП за мониторинг и управување со појасот трски на Охридското езеро.

„ Наше досегашно искуство е дека палењето на трска е подготовка на други активности како што се подигање на нелегални објекти, изградба на нелегални авто кампови пред појасот трски или изградба на плажи или други објекти. Нашите патроли ќе продолжат да ги аларамираат надлежните институции,“ информира Марјан Главинчевски од ИО.

Мониторинг патролите на ИО редовно ги следат состојбите и ќе поднесат пријави до општина Струга, до ресорните министерства за животна средина и транспорт и врски, како и до МВР Струга и Охрид, вели Главинчевски.


„ Во последните 10-12 години колку што сме активно вклучени во заштита на појасот трски редовно се поднесуваат пријави до надлежните институции но со малку ефект “, инфромира Главинчевски.
Главинчевски напоменува дека последните пријави ги поднесле во април 2018 кога на ист начин се уништувала трската, а потоа на тој потег биле уредувани плажи.