Повторно откорнати бекатон плочките на градскиот кеј
Повторно откорнати бекатон плочките на градскиот кеј. Граѓаните реагираат и од безбедоносни, но и од естетски причини. Од Локалната велат дека дупките на кејот останаа да зјаат подолго време поради ангажираност на работниците на други локации.
Југот и високите бранови повторно ги откорнаа бекатон плочките на градскиот кеј. Граѓаните реагираат и од безбедоносни, но и од естетски причини. Велат дека бекатонот воопшто не е соодветен материјал за ваков простор како што е градскиот кеј и бараат што побрзо пропустот кој се направи пред петнаесеттина години кога беа поставени да се исправи при реконструкцијата на кејот.
Па искрено кажано бекатон плочките не се најдоброто решение за кејот, но во тоа време така било одлучено.Со неговата реконструкција тоа ќе се исправи. Да се надеваме дека тој проект ќе се спроведе и тогаш ќе немаме вакви проблеми со вадење и поставување бекатон плочки, вели Томе Џамтоски- портпарол на Локална самоуправа.
Џамтоски објаснува дека Локалната обично брзо реагира во ваков случај. Но, овај пат дупките на кејот останаа да зјаат подолго време поради ангажираност на работниците на други локации.
Не се санирани од причина што не се нашло соодветно време. Јавните претпријатија како Комуналец и Нискоградба и Градски гробишта веднаш ги санираат овие дупки, но поради други обврски тоа не е направено. Инаку тоа е забелержано од Фондот за сообраќај, улици и патишта и многу брзо ќе бидат поставени нови бекатон плочки на градскиот кеј, вели Џамтоски.
Инаку еден од проектите за кои се залага Локалната е реконструкција на градскиот кеј, на потегот од Градското пристаниште до Холандскиот парк кај каналот Студенчишта. Тоа требаше да се прави со средства обезбедени преку Светска банка и со средства од буџетот на Општина Охрид. Целиот зафат чинеше 1,2 милиони евра. Добиено беше одобрение од Министерството за транспорт и врски , а и согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање. Но, проектот не беше прифатен од Светска банка па оваа иницијатива пропадна. Сега Локалната со сопствени средства ќе го санира кејот, но чека одобрение од Комисијата на УНЕСКО кај која проектот е на разгледување. Во него предвидена е реконструкција на постојниот Кеј во должина од илјада метри, зацврстување на сегашната конструкција, негово проширување, по што тој дел од градот треба да добие сосем нов лик.