Skip to main content

Локализиран пожар во населбата „Гоце Делчев“, спречено ширење кон објектите

Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, помошта од месното население и доброволците, биле спречени поголеми материјални штети.
 |  инфодеск  | 

Екипи на ТППЕ Охрид денеска интервенираа при гаснење пожар на отворен простор во населбата „Гоце Делчев“ (Бараки) во Охрид.

Од Територијалната противпожарна единица информираат дека во интервенцијата учествувале четири противпожарни возила и 17 пожарникари.

Во пожарот била опожарена деградирана шума и сува трева. Поради силниот ветер постоела реална опасност огнот да се прошири и да ги зафати блиските објекти, но благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, помошта од месното население и доброволците, биле спречени поголеми материјални штети.

Од ТППЕ Охрид упатија апел до граѓаните да се однесуваат совесно и одговорно, а до надлежните институции да преземат мерки за пронаоѓање и санкционирање на сторителите.