Skip to main content

Пожар на депонијата „Буково“, екипи на терен

ЈП „Охридски Комуналец“ останува ангажирано и во координација со надлежните служби со цел спречување на ширењето на пожарот и заштита на околината.
 |  инфодеск  | 

Пожар избувна утрово на депонијата „Буково“, на дел од просторот кој подолг период не се користи и на кој во изминатиот период не е депониран отпад, информираат од ЈП „Охридски Комуналец“ .

Екипи на ЈП заедно со припадници на Територијалната противпожарна единица Охрид, веднаш излегле на терен и работат на локализирање на пожарот. Како што информираат од ЈП „Охридски Комуналец“ се врши пресек и создавање заштитна линија со цел да се спречи понатамошното ширење на огнот.

Од ЈП „Охридски Комуналец“ посочуваат дека во текот на 2026 година на депонијата „Буково“ досега се однесени и депонирани над 8.000 кубни метри земја. Земјата се користи за прекривање и стабилизирање на делови од депонијата, како и за намалување на можноста од појава и ширење на пожари.

Состојбата на теренот континуирано се следи, а екипите ќе останат на терен сè до целосно ставање на пожарот под контрола, уверуваат од јавното претпријатие.

Во однос на причините за избувнувањето на пожарот, засега не се исклучува можноста тој да е намерно подметнат. Причината ќе биде утврдена од страна на надлежните институции по спроведувањето на соодветната постапка.

ЈП „Охридски Комуналец“ останува ангажирано и во координација со надлежните служби со цел спречување на ширењето на пожарот и заштита на околината.

фото-архива ТВМ