Skip to main content

Охридските пожарникари храбро и посветено го штитат Охрид, граѓаните и нивните имоти

Со дефиле низ градот со противпожарни возила и презентација на противпожарна опрема, ТППЕ Охрид денес го одбележа 20-ти мај Денот на пожарникарите. Командирот на единицата, Борко Јанкуловски се заблагодари на своите колеги за нивната пожртвувана работа. Посочи дека во континуитет се вложуваат напори за опремување на единицата.
 |  Маја Савиќ  | 

Со дефиле на противпожарни возила со уклучени сирени и светлосна сигнализација и со презентација на противпожарна опрема, ТППЕ Охрид го одбележа 20-ти мај Денот на пожарникарите.

Охридската единица е една од најекспедитивните во нашата држава. Овие храбри луѓе деноноќно не штитат нас граѓаните, нашите домови и материјални добра, истакна во своето обраќање командирот Борко Јанкуловски. ТППЕ Охрид брои вкупно 39 пожарникари вклучително со командниот кадар. Евидентен е недостигот од пожарникари, вели командирот, но потенцира дека солидно одговараат на предизвиците благодарение на високата одговорност на охридските пожарникари.

„Просечната старост на охридските пожарникари е 40 години, имаме доста пожарникари кои за брзо време треба да исполнат услови за пензија. Годиниве наназад се бориме некои законски измени во Законот за пожарникарство што побрзо да се имплементираат се со цел да се вработат нови, млади пожарникари. Како најголем пропуст во Законот за пожарникарство и ние како ТППЕ Охрид и јас како командир, предлагаме да има старосна граница за прием на нови пожарникари, односно да биде максимум 26 години. Тоа да биде првото скалило, а потоа следат обуки, увежбувања и слично.“ – изјави Борко Јанкуловски – Командир ТППЕ Охрид.

Командирот Јанкуловски упати благодарност за досегашната поддршка и соработка до локалната самоуправа и градоначалникот Кирил Пецаков.

„ Моментално после 30 години во постапка е јавна набавка за комплетни интервентни одела за сите пожарникари во нашата единица, специјализирани за во урбана средина, нешто што последниве 30 години не е набавано. Се носела донирана опрема. Првпат Општина Охрид набавува комплетни итервентни одела за урбана средина.посочи Јанкуловски.

Во име на градоначалникот и свое лично име Денот на пожарникарите го честита Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески. Тој им заблагодари за нивната посветеност во заштитата на охриѓани и градот. Посочи дека локалната власт изминативе 4 години ја поддржа единицата со подобрување на условите за работа во објектот каде е сместена единицата и во опремување на пожарникарите со набавка на заштитни одела за интервенции на жумски пожари, а во тек е и набавката на интервентни одела за во урбани средини.

„ Се надевам дека во следниот период, со оглед на тоа дека имаме финансиски стабилна општина, јавноста е запознаена дека веќе работиме со подобра финансиска кондиција, со одблокирана Општина, и се надевам дека во идниот период ќе можеме да вложиме и повеќе средства за задоволување на тоа што е потреба на ТППЕ Охрид за нејзино подобро функционирање во иднина.“ – кажа Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

Командирот на ТППЕ Охрид посебна благодарност изрази и до членовите на Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“, за кое рече дека претставува значаен сегмент од противпожарната заштита кој треба се повеќе да се унапредува во иднина.

„ Имаме голема помош од волонтерското здружение „Ентузијаст“ од Охрид, кои имаат 25 волонтери обучени за гаснење пожари, првично на отворен простор, им благодариме за беспрекорната соработка и помош. Во изминатиот период на ангажман на дел од пожарникарите од ТППЕ Охрид и волонтерите од „Ентузијаст“ повеќемесечната соработка со Тиролската област во Австрија веќе вроди со плод односно зедоа возило кое нема да е единствено. Склучена е повеќегодишна соработка со која ќе се подобруваат капацитети на ТТПЕ Охрид и волонтерското здружение.“ – кажа Јанкуловски.

На денешното одбележување на Денот на пожарникарите најрадосни беа најмладите, дечињата од охридските градинки кои се возеа во противпожарните возила во дефилето. Инаку, противпожарното дејствување на Балканот е започнато во Битола, на 20-ти мај далечната 1836 година кога е формирана првата организирана противпожарна единица.