Охридските пожарникари добија нова заштитна опрема

Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид набави нова висококвалитетна лична заштитна опрема за сите пожарникари, со што значително се унапредуваат условите за безбедно и ефикасно извршување на секојдневните интервенции.
Станува збор за комплетна заштитна опрема за интервенции при структурни пожари, која вклучува интервентни јакни и панталони, заштитни шлемови, светилки за шлем, подкапи, заштитни ракавици и противпожарни чизми.
Покрај ова, набавени се и висококвалитетни специјални маски наменети за интервенции при пожари на отворен простор.




Набавката е реализирана согласно Годишниот план за јавни набавки на ТППЕ – Општина Охрид, а нејзината вкупна вредност изнесува 4.763.211,60 денари.
Од ТППЕ Охрид упатија благодарност до надлежните институции за поддршката во реализацијата на оваа набавка, истакнувајќи дека современата заштитна опрема е од исклучително значење за безбедноста на пожарникарите, но и за поефикасно и посигурно дејствување на единицата на територијата на Општина Охрид и Општина Дебрца.
Воедно, тие изразија благодарност и до компанијата „Антиплам“ од Скопје, која навремено ја испорачала опремата во согласност со важечките правилници и пропишаните стандарди.








